ЗОШТО ДА ГО ГЛАСАМЕ БЛЕРИМ РЕКА?

Истакнато Колумни Позиција

Блерим Река, пред сѐ, е гаранција за албанскиот идентитет. Неговата кандидатура за претседател на Северна Македонија е еден од најпријателските настани што историјата им го донела на Албанците. Секако, и на г. Заев и неговата евроатланска мисија. Но, за ова ќе зборувам нешто подоцна.

Низ тегобите предизвикани од покерската игра на владите од времето на поранешна Југославија, Албанците некогаш отворено, а честопати и скриено биле предмет на напад. Нема да заборавиме дека малициозните влади кои агресивно царуваа на нашите простори ги користеа Албанците како коњ за битка за да ја добијат “согласноста од словенскиот електорат”, притоа напаѓајќи ги, бркајќи ги, прогонувајќи ги, па и убивајќи ги насекаде низ поранешна Југославија.

Несомнено, стремежите на ваквата шовинистичка политика беа да се поттикнува омраза кон нашиот народ.

Оваа стратегија, ваквата хиперболизација на “лошите Албанци”, оваа гротеска на “албанскиот Гогољ” беше постојано успешен билет за влез во владините сараи и за долго останување во нив.

Омразата кон Албанците и војната против нив секогаш беше во сферата на интерес на носителите на владините круни не затоа што тие имаа некаков непосреден проблем со нив. Не! Дијагнозата беше многу подлабока: тие имаа непосреден проблем со нивниот карактер. Манијата за задржување на власта по секоја цена е патолошка, а Албанците беа користени како инструмент за постигнување на нивната цел – задржување на власта!

Од друга страна, овој анти-човечки покер, каде што Албанците беа картите… ваквата албанска дефакторизација и намалување на нивниот број беше природна последица на целиот тој ‘масакр’.

Но, секое зло има крај. Ниеден народ не е толку наивен да биде измамуван и злоупотребуван до бескрај. Па, така, во Северна Македонија, се чини, дека по шовинистичките бури почна да дува ветер кој тежнее кон мирот со крајна дестинација НАТО.

Токму ова е моментoт во кој што Албанците, поради политички лудости, а особено поради неспособноста на албанската партија која ги претставува во власта, ризикуваат да го изгубат и своето име, бидејќи Уставот нe ги нарекува Албанци, туку „дваесет посто“! Бројче за цел еден идентитет!

Токму во еден ваков миг, се случува нешто добро на нашата сцена. Се кандидира Блерим Рака за претседател, кој, несомнено, е еден од најподготвените интелектуални и дипломатски кадри.

Се случува најдобриот меѓу тројцата кандидати да е Албанец, се случува една можност луѓето во оваа држава да бидат застапени од претседател кој ќе ја отстрани апсурдната дамка “20%” и јасно ќе забележи дека во оваа држава живеат Албанци уште откако почнала да се пишува историјата, од самото нејзино раѓање! Албанци кои живеат и сакаат да живеат во мир, спокој и благосостојба, рамо до рамо, со Македонците, Турците, Власите, Еѓипќаните, Ромите, Бошњаците и сите други што го делат ова, наше, поднебје.

Втората добра работа поради која ве повикувам сонародници, граѓани на оваа држава, за да гласате за Река е затоа што тој и г. Заев имаат јасна и заедничка евроатланска цел. Самиот г. Заев нема подобар претседателски кандидат од г. Блерим Река. Ако претседателската резиденција му ја земе некој друг, тој нема да може да седне толку лесно во канцелариите на НАТО и ЕУ.

На Албанците и Македонците сега им е многу појасно дека биле марионети на владите кои ги наполнија своите џебови, а ги испразнија џебовите на народот. Тие веќе не прифаќаат да прoдолжи оваа игра со “силните и слабите”, „моќните и беспомошните“!

Албанците имаат апсолутно право да ја претставуваат претседателската функција на оваа држава! Затоа што ѝ припаѓаат на државата, затоа што е нивна како и на секој друг што живее во неа, затоа што вложуваат во неа, затоа што ги радува нејзиниот подем, а ги погодува нејзиниот пад, затоа што ги делат истите грижи. И затоа што сакаат, заедно со своите сограѓани Македонци, да му докажат на светот дека тие не се патетични меѓусебни непријатели. Затоа што секој оној што ги претставува и замислува како опоненти, а не како некој што заедно се грижи за добробитта на оваа држава треба да знае дека е во голема заблуда и спаѓа меѓу креаторите на легенди кои што треба да заминат во историјата. Затоа што заедно ќе работиме на поубава денешнина и иднина. Затоа што нашите деца, семејства, пријатели, народ и држава го заслужуваат тоа.

Македонците имаат ретка можност, гласајќи за Река за претседател, да покажат дека ја вреднуваат идејата за мир и соживот!

Албанците имаат ретка, а можеби и единствена прилика, да ги санираат последиците од минатото и да се идентификуваат како еден од народите во оваа држава, а не како нејзин број!

Премиерот има ретка можност да се ослободи од притисокот на оние Албанци кои досега пречекувале и испраќале партии во палатата на Владата. Имајќи го Блерим Река како претседател, чија визија „сите да бидеме заедно“ е визија која многу ветува, ќе го отвори патот кон обединувањето, а не одвојувањето, кон хармонијата, а не поделбите!

Во сите канцеларии на ЕУ вратите ќе се отворат многу полесно доколку после 21 април земјата за претседател го има г. Блерим Река. Во ниту еден момент не се сомневам во тоа, ниту јас, ниту секој оној кој имал можност одблиску да го запознае г. Блерим Река.

Блерим Река им е потребен на сите заедници кои живеат во оваа држава и на сите граѓани. Затоа што има што да понуди и затоа што, верувајте, никогаш нема да ве изневери! Време е за вистинскиот избор, да ја искористиме можноста!

Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар