Бугарската влада му додели национален статус на проектот за фабрика за барут во Бодрово
Бугарската влада му додели национален статус на проектот за изградба на фабрика за барут во селото Бодрово, во Хасковската област. Инвестицијата е вредна над 250 милиони евра, а предвидено е отворање на 110 постојани работни места, јавува Армимедија.
Со одлуката се создаваат услови за побрзо спроведување на административните постапки за проектирање и изградба на фабриката. Се очекува таа да почне со работа кон крајот на 2028 или на почетокот на 2029 година.
Фабриката ќе ги снабдува со барут производителите на муниција во Бугарија и во други земји членки на ЕУ и на НАТО. Целта е да се обезбеди посигурно снабдување со оваа суровина поради зголемената побарувачка за муниција во Европа.
