„Бугарски“ дамки

///

Пишува: Атанас Величков

Вземи във този хубав ден една българска роза от мен.

Вчера попладне во интервју за Канал 5 политичкиот аналитичар и професор на „Џонс Хопкинс“ универзитетот во САД, Едвард Џозеф си дозволи на еден вулгарен начин да ја нападне Бугарија и нејзината позиција во однос на РС Македонија, обвинувајќи ја дека сака да диктира на Скопје како да го манифестира својот идентитет и како да ја прикажува својата историја. Аналитичарот ја спомна и флоскулата за тоа дека блокадата за РС Македонија значи влез на руските и кинеските интереси во регионот. Интересно во случајот е друго, Џозеф си дозволи да изрази надеж дека администрацијата на претседателот Бајден ќе изврши притисок врз Бугарија, со цел да ѝ покаже дека таа е изолирана и дека има начини како да излезе од таа ситуација без да биде понижена. На неколку пати аналитичарот изјави дека РС Македонија не треба да прави компромис со својата историја и идентитет и се разбира ги пофали некои од историчарите во македонскиот дел од комисијата, кои водени од патриотски чувства направиле многу, па сега нивните бугарски колеги треба да земат пример од нив.

Сума сумарум, проф. Едвард Џозеф со надменоста на американски провинцијалец, стигнал во врвовите на политиката, вели дека ете има Договор за пријателство, има Комисија за историја и што по ѓаволите бара уште Бугарија?! Софија сака да диктира и затоа Бајден треба да ѝ го покаже местото! Колку убава порака за владејачките кругови во РС Македонија… Тие не направиле никакви грешки, Софија е таа што им помага на руските и кинеските интереси. Колку убаво звучи тоа… уште да беше и вистина.

Некои ќе речат што е толку важно што кажал еден лобист на РС Македонија од САД во интервју за македонска телевизија. Важно е! Бидејќи некако не ги гледаме лобистите на Бугарија да даваат интервјуа за бугарските телевизии. На БНТ го гледаме Рејмонд Детрез, кој од етерот на бугарската национална телевизија си дозволува да ги маргинализира луѓето што гласале на партијата на Петар Колев ГДУ, која колку и да не им се допаѓа на некои „добри Бугари“ овде, е единствената која не е и никогаш не била бугарофобска.

Каде се странските лобисти на Бугарија? Можеби Софија нема потреба од нив? Ако за странски лобисти се сметаат новинарот Љубчо Нешков, кој не знам како успева да ја држи цврсто линијата за одбрана на Бугарија од вулгарниот македонизам, публицистите Иван Николов, Владимир Перев, писателот и дипломат Кирил Топалов и политичарот Петар Колев, колку уште тие можат да издржат да ја кажуваат вистината? Дали тие можат да лобираат кај Бајден, Трудо, Макрон, Шолц?

Како Бугарија парира на ликови како Детрез, Џозеф и слични душегрижници, кои од најразлични телевизиски студија си дозволуваат да ја понижуваат како држава, а Бугарите да ги претставуваат како аморфна маса, што е закочена во минатото и треба некој друг да ѝ ги отвори очите.

До „лобистот“ Џозеф нема како да допре фактот што например вчера токму главниот уредник на Канал 5 Гоце Михајлоски во еден пост на социјалната мрежа Facebook индиректно го нарече имањето бугарско државјанство од страна на македонски државјанин дамка. Да да токму така дамка. Начин за дискредитација. Во РС Македонија не е добро јавно да се знае дека поседуваш или си поднел документи за добивање на бугарско државјанство. На тоа се гледа како на предавнички чин, на нешто што може да те дискредитира, нешто што може да ти го уништи угледот и кариерата. Токму затоа колегата Михајлоски се оправда за тоа што во времето кога бил млад и на работ на егзистенцијата поднел документи за бугарски пасош со цел да ја напушти РС Македонија, но откако подлите Бугари му побарале и документи со кои да го докаже своето бугарско потекло, тој не успеал да најде такви бидејќи 300 години наназад неговата фамилија била од македонска помакедонска.

Целата драма околу одбиениот за бугарско државјанство Михајлоски се случи поради најновиот обид на Канал 5 да го дискредитира лидерот на партијата ГДУ Петар Колев, нарекувајќи го индиректно-дволичен маргинал. „Дволичниот маргинал“ во изјава за порталот „Трибуна“ откри информација дека сопственикот на Канал 5 Емил Стојменов веќе има бугарско државјанство и изрази жалење за тоа што главниот уредник на истата телевизија бил одбиен да добие исто такво државјанство.



Да резимираме, во РС Македонија дамка е ако имаш или воопшто си побарал бугарско државјанство. Тоа може да те дискредитира и да ти го уништи угледот. Може дури да предизвика прашања како тие што ги добил Михајлоски- „Вистина ли е тоа што се збори?“ и слично, а човекот на кого се упатени тие прашања да мора да се оправдува и да пишува реферати по социјалните мрежи преку кои да бара прошка и разбирање за неговото „злодело“ во момент на очај да помисли да стане бугарски државјанин и да се евакуира од РС Македонија.

Овој тип на перфиден говор на омраза кон Бугарија и Бугарите е нешто нормално во РС Македонија и не е од сега ниту откако Софија тропна по масата и конечно се ангажира со тоа да бидат затворени отворените прашања со Скопје. Овој говор на омраза, ова потценување на Бугарите имаат долга историја во РС Македонија и тоа само духовни слепци можат да го одречат.

Каква вредност е тоа? Каква вредност е фактот што во РС Македонија можеш да бидеш секаков, да имаш секакво државјанство, но ако имаш бугарско, треба да се оправдуваш? Европска вредност ли е?

Каква вредност е докажан интелектуалец како писателот Ким Мехмети да добива покани од Обвинителство и да објаснува за свој напишан збор, бидејќи лидерот на една сталинистичка партија, еден целофанен Че Гевара му поднел кривична пријава, бидејќи се „подбивал со македонскиот народ“? Каква вредност е прогонот врз тие кои размислуваат поинаку? Сигурно и тоа е европска вредност!

За ваквите случаи треба да дознае Брисел. За таквите случаи да добијат публицитет, освен нормални медиуми требаат и лобисти. Доволно удари доби Софија за тоа што се охрабри да ги брани своите национални интереси. Доволно удари и доволно навреди. Доста е!

PS: Синоќа и професорката Катерина Колозова се фрли да го брани Гоце Михајлоски, напаѓајќи го неморалниот Петар Колев. Таа директно го прашува, кој ли него го измислил и алудира на тоа дека тој вчера се појавил и веќе е лидер некому… Се појавил од Штип, од истото место одкаде што се појавил и саканиот од професорката, Киро Глигоров, кој во Штип престојувал само кога бил во пелени. Тоа најверојатно е нејзиниот професорски прочит на онаа стара изрека „Настанаа пилци поебаа квачки“, но да не навлегуваме во таа тема. Професорката е права! Колев вчера се испили, па сега си дозволува да врати кога ќе го удрат, лош е, демагог е, секаков е… Но Петар Колев е тој што се зафати да отвори многу болни прашања овде, истите оние кои Глигоров ги ставал под тепих, па ако сака Колозова да го продолжи или пак да го поправи тоа што тој го направил Колев, нека повели. Да видиме дали таа ќе ги види бугарските дамки и дали ќе најде начин како истите да бидат испрани и никогаш веќе да не се појават. Да видиме дали таа може да го излечи македонизмот од антибугаризмот?



Претходна статија

Ким Мехмети: Македонија беше и остана политичка филијала на Белград!

Следна статија

Бугарски адвокат во одбрана на писателот Ким Мехмети: ЕУ и САД да застанат против лагите и репресијата

Најново од Истакнато

Ќорсокак

Пишува: Владимир Перев На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите