Бугарскиот актер Борислав Паунов ја освои наградата за најдобар актер на Меѓународниот филмски фестивал PROMA во Романија
Бугарскиот актер Борислав Паунов ја освои наградата за најдобар актер на филмскиот фестивал PROMA што се одржа во романскиот град Брашов. Тој беше награден за својата улога во краткометражниот филм „Чоколадо“ на режисерот Орлин Милчев, јавува БНР.
Филмот, кој е снимен во црно-бела техника, ја раскажува приказната за малиот Боби кој живее во ромското маало со своето големо семејство и сонува за едно парче вкусно чоколадо. Разочаран од тешката судбина и од среќата што постојано му „бега“, тој тргнува низ големиот град во потрага по правда – и по чоколадо.
Покрај актерската награда, „Чоколадо“ го освои и фестивалскиот трофеј, со што се потврди како голем победник на овогодинешното издание на фестивалот.
Фестивалот PROMA се одржа од 5 до 7 септември во Брашов, а публиката имаше можност да погледне петнаесет краткометражни филмови на автори од осум земји, селектирани во официјалната конкуренција, како и специјални проекции на филмови наградувани на меѓународни фестивали.

