| |

Бугарскиот амбасадор и градоначалникот на Штип заедно делеа новогодишни пакетчиња

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, денеска беше домаќин на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, Ангел Ангелов и неговата сопруга Билјана.

Причината, како што објаснија двајцата, е да поделат новогодишни пакетчиња на деца во претшколска возраст, но и да поразговараат за други проекти кои веќе се започнати.

За следната година, планирано е Бугарија да помогне во изградба на детско катче во детската градинка Астибо.

„Соработката којашто ја воспоставивме продолжува да се реализира. Јас се надевам дека следната година ќе продолжиме со уште проекти коишто ќе значат подобрување на состојбата во нашиот град“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

„Би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот. Тој е млад, динамичен, енергичен и соработката која ја воспоставивме почнува да дава резултати и верувам дека ќе продлабочиме и ќе имаме нови проекти“, изјави бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов.

На кусата прес-конференција пред новинарите, Јорданов беше поштеден од политички прашања, но не и амбасадорот Ангелов. Претставникот на Бугарија во Северна Македонија беше прашан за коментар по ставот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека за земјава не е проблем Бугарите да бидат набројани како еден од конститувните народи во Уставот. Тој, пак, не дозволи да се дефокусира празничната атмосфера.

„Денес сме… кај нас се празници. Денес е втор ден од Божик и е неработен ден. И тоа се свети празници во кои мислам дека би требало да има барем еден ден во годината во кој не би зборувале за политика. Така што, денеска сме концетрирани само на хуманитарниот дел, да дадеме на дечињата подароци за пред Нова година и да ги видиме другите проекти коишто ќе ги правиме со општината Штип“, изјави Ангелов.

Домаќинот набрзо се надоврза со своја конструктивна изјава, на прашањето на новинарите – дали планира да иницира збратимување на Штип со некоја општина од Бугарија. Меѓу другото, кажа и дека „имаме богато културно наследство кое треба да не поврзува а не да не разделува“.

„Во наш интерес, како центар на Источна Македонија, е да имаме релација, соработка со Република Бугарија, со општини во Република Бугарија. Во заеднички разговор со амбасадорот веќе договоривме во следната година да направиме иницијатива за збратимување на општина Штип со некоја општина во Република Бугарија, во интерес на развој на двете општини. Затоа што знаете, ние мораме да градиме мостови на соработка. Постојат низа на интереси коишто не врзуваат. Економскиот интерес е клучен, но овде секако да знаете имаме различни поврзаности. Сметам дека Штип е општина која во секоја прилика треба да соработува со други општини од Република Бугарија затоа што имаме богато културно и исторско наследство кое треба да не поврзува а не да не разделува“, изјави Јорданов.

Извор: zoom.mk



Слични Објави