| |

БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР И НЕГОВАТА СОПРУГА СО ДОНАЦИЈА ЗА ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР „ДОЗА СРЕЌА“ ВО СКОПЈЕ

Амбасадорот на Република Бугарија во Македонија Ангел Ангелов и неговата сопруга Билјана Ангелова донираа прехранбени пакети за триесет домаќинства, во рамки на дневниот центар „Доза среќа“ во Скопје.

Од бугарската Амбасада соопштуваат дека, помошта е обезбедена со одлука на Владата на Бугарија на иницијатива на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

„Хуманитарната помош, што ја обезбедуваме на дневниот центар „Доза среќа“ е за помош на семејствата и израз на солидарност во услови на криза, предизвикана од пандемијата Ковид-19. Досега доставивме донации на 250 семејства со деца со посебни потреби од Република Северна Македонија, а тоа се над 2000 килограми прехранбени производи и производи за дезинфекција“, вели амбасадорот Ангелов.

Неговата сопруга истакна дека во Амбасадата пред неколку дена примиле писмо од дневниот центар „Доза среќа“, и им причинува задоволство што можат на некој начин да подарат среќа на децата со Даунов синдром кои се во овој дневен центар.

Амбасадата во соопштението додава дека ова е уште еден знак на солидарност кон овој Центар, откако во 2019 ги донирале средствата на „Доза среќа“ собрани за време на хуманитарниот фолклорен концерт на ансамблот „Пирин“ и ансамблот „Танец“ во Скопје.



Слични Објави