| | |

ЕДЕН ПО ЕДЕН СИТЕ ЌЕ СИ КАЖЕТЕ ЗА ПАСОШИТЕ…

Да, имам бугарски пасош и граѓанин сум на Бугарија! Можеби сум македонист, но понекогаш треба да се биде прагматичен“

Овие реченици кажуваат многу.

Не не сум ги пишувал јас, лошиот Бугарин, ги напишал еден добар Македонец, етнички Србин кој во момент на некаква лудост одлучил да сподели со сите нас што ќе го прочитаме неговиот напис дека бил објект на „врбовка“ од страна на некаков мистериозен харизматичен господин кој му ги раскажувал „бугарските класики“ за Ванчо Михајлов, за Бугаринот Гоце и секако за Македонија- Швајцарија на Балканот…

Истиот тој етнички Србин, кој гордо му кажал на клетиот бугарофил дека е Србин, денеска во последните редови на својата македонољубна колумна објавена во денешниот број на весникот Нова Македонија си го признава „смртниот грев“ дека подполнил декларација во која се истакнал како Бугарин си ги платил потребните такси и станал бугарски државјанин, но останал македонист.

Страв лозје чува…

Мојот колега знае дека на Бугарите како ништо може да им текне да ги објават списоците со бугарски државјани кои заради двојна прагма, ем бакнале рака во Софија ем плукат по истата заради своите врвни кариери. Голем срам ќе пукне замислете само. Да искршиш неколку тастатури а Бога ми и прсти за да им даваш елан на тие кои сè уште го купуваат весникот или го посетуваат онлајн, да ја мразат уште повеќе Бугарија и сè што е бугарско, а во истото време да имаш книжуле во кое пишува нешаналити-булгериан… Колегава го нарекува тоа прагма, јас како погруб ќе го наречам шизофренија.

За жал далеку сме ние од Швајцарија колега, а далеку сме затоа што после АСНОМ Македонија не личела по ништо на таа вечнонеутрална земја со прекрасна планинска природа, убаво чоколадо и уште поубави часовници. Ама што е тука е. Како што вели Захариева, реалноста никој не може да ја оспори. Македонската нација постои, како што постои и македонскиот јазик според Уставот на РМ.

Играта на македонистите-бугарски државјани со трибина за плукање е јасна. Тие може да те пцујат на улица, ама ако отидеш и им бапнеш една по тоа полните со омраза тикви, ќе почнат да пиштат ко мали деца и ќе ја бараат тетка Меркел да ги заштити.

Дојде времето кога маските паднаа, а кој знае може да падне и тајната за тоа кој се одел во Софија да се декларира како чист Бугарин. Тоа ќе му дојде како некаков вид на лустрација… пасошка лустрација. Многу пострашна од онаа селективната што ја спроведуваше бегалецот Груевски. Се разбира и овде ќе има селекција. Трајче од Сарамзалино што земал бг пасош за да си ја прехрани фамилијата, заради учените и кадарни политичари што владеат со Македонија веќе 30 г. нема зошто да пишува колумни во кои си признава разни работи. На Трајче никој нема да му побара сметка затоа што вие паметните глави што сте кадарни да покажувате омраза само кон одредени земји и народи, со вашата пасивност го избркавте од родниот дом. Вие сте тие кои сега ќе треба да си признаете колку сте дволични… се извинувам мислев прагматични. Еден по еден сите ќе си кажете за пасошите. Ќе си кажете и орце ќе заиграте, Право, Тешко изборот си е само ваш.

Ќе си дозволам една заграда.

Вчера еден друг колумнист и колега напиша дека нашите деца ќе пишувале историја во која нашиот комшија ни ја попречил европската иднина. Точно е. Вашите деца ќе го напишат тоа, но од децата на 125-те илјади Македонци кои станале бугарски државјани од 2002 г наваму се ќе се најде некое дете да напише дека пасошот на комшијата го спасил неговото семејство од сиромаштијата и од мочањето врз глава вршено од сите владејачки гарнитури токму од таа 2002 г. досега. Ќе се најде и тоа најмногу ве плаши. Но тоа е нема што да се направи. Ќе си го носите проклетството на д-р Христо Татарчев и на сите останати кои макар и мртви сакате да ги претставите како некакви дебили кои се изјаснувале како Бугари само затоа што такво било времето.

Според тоа какво е времето, можете ради прагма да се пишувате вие какви сакате. Тоа е плод на вашиот конформизам, но не судете за другите според тоа како вие би постапиле. Многу сте мали и смешни во вашата омраза. Инаку да ве потсетам дека со секој текст за Бугарија и давате адут во рацете на Захариева, а исто така и ги врзувате рацете за можен компромис на Нинова, која нели се надевате дека ќе го наследи Борисов и оп „ветото наметнато“ од Каракачанов магично ќе го снема. За надежите дека Бугарија ќе ја смени својата политика кон Македонија, народов смислил една многу убава смешна изрека „Надај се куре на пијани жени“. Да не излезе накрај со плачки да одите под прозорите на Пиротска 5 и да се дерете на цел глас „Краси врати се, сè ти е простено“.

Излегувам од заградата со уште неколку редови.

Колега, јас не би бил толку сигурен дека некогаш ОМО Илинден ПИРИН ќе добие регистрација како политичка партија. Затоа види таму искористи си ги бенифициите што ти ги дава бугарскиот пасош или пак прошетај фамилијарно до „Витошка“, се плашам дека заканата се гледаме во Софија, каде што ти демек ќе гласаш за ОМО, ќе остане да виси во воздух.

А да, имаше шанса да гласаш за македонист како тебе во Бугарија. Батево се пушти во трка за кмет на Благоевград и освои 266 гласови. О извини, бидејќи спомна дека ќе се видиме во Софија, најверојатно таму се водиш на адреса. Србин и македонист запишан на софиска бандера… колку прагматично тоа звучи.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави