Бугарскиот Црвен крст собра повеќе од 3,3 милиони лева хуманитарна помош за Украина
Повеќе од 3,3 милиони лева се собрани од бугарскиот Црвен крст како хуманитарна помош за Украина, соопшти денеска претседателот на бугарскиот Црвен крст, акад. Христо Григоров, јавува БГНЕС.
Средствата се собрани од почетокот на кампањата. „Овие пари ќе се трошат многу отворено. Бидете смирени. Кога човек донира дури 1 лев, тој сака да знае каде ќе отиде“, рече Григоров, додавајќи дека луѓето имаат доверба во кампањите на бугарскиот Црвен крст.
Според него, најголем дел од овие пари се донирани од бугарските пензионери. Григоров се заблагодари и на корпоративниот бизнис.
„Уште еднаш успеавме да докажеме дека сме структура која е подготвена да подаде рака, да спаси и да помогне на човечкиот живот. Тоа што го направивме минатиот месец е демонстрација дека во срцето на Бугаринот е тоа што сме ние, тоа што сме го наследиле од нашите баби и дедовци – да бидеме љубезни, хумани и подготвени да подадеме рака“, вели Григоров.
„Оваа кампања ќе продолжи. Илјадници Бугари донираа по 1 лев во оваа кампања. Ние помагаме на сите“, рече акад Христо Григоров.
Протоереј Костадин Тренев од Софиската митрополија рече дека Бугарската православна црква (БПЦ) во лицето на Неговата Светост Бугарскиот Патријарх исто така земала активно учество во собирањето средства за поддршка на украинскиот народ. Тој им се заблагодари на луѓето кои донирале, на манастирите и на свештениците кои ги поддржуваат православните христијани во храмовите.
Протоереј Тренев истакна дека украински бегалци се сместени во манастирите во Кремиковци и во Гигинци.
Во периодот од 1 до 27 март бугарскиот Црвен крст испрати 15 камиони со хуманитарна помош преку украинскиот Црвен крст.
Испратена е помош до 50.000 украински граѓани. Во моментов се подготвуваат 12.800 пакети со храна во вредност од 800.000 лева, велат од бугарскиот Црвен крст.
