| |

Бугарскиот државјанин Матан Ангрест е меѓу ослободените заложници во појасот Газа

Меѓу дваесетте ослободени израелски заложници, кои беа заробени од палестинското движење Хамас во Појасот Газа, е и Матан Ангрест, кој има и бугарско државјанство, соопшти израелското Министерство за надворешни работи на социјалната мрежа „X“, пренесува БНР.

Ангрест беше ослободен заедно со уште шестмина заложници рано изутринава, а подоцна беа предадени и останатите тринаесет. Израелската армија потврди дека сите ослободени лица ќе се сретнат со своите семејства во воената база Реим во јужен Израел, по што ќе бидат префрлени во болници за медицински прегледи и психолошка поддршка.

Според Бугарската амбасада во Израел, 22-годишниот Матан Ангрест бил киднапиран на 7 октомври 2023 година од тенкот на кој служел во близина на Нахал Оз и поминал 738 дена во заробеништво. „Толку сме среќни што си дома, Матан!“, напишаа од амбасадата во објава на социјалните мрежи.

Од Министерството за надворешни работи на Бугарија изразија големо олеснување и радост по ослободувањето на заложниците. „Со радост го поздравуваме ослободувањето на 20 израелски заложници од Газа, меѓу кои и бугарскиот државјанин Матан Ангрест“, соопшти институцијата на платформата „X“.

МНР оцени дека ова е важен чекор што дава надеж за реализација на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување праведен и траен мир на Блискиот Исток.

Слични Објави