| |

Бугарскиот фестивал „Фолклорен водопад“ повторно ги оживеа Нијагарските водопади

Во градот Нијагара Фолс во Канада заврши петтото издание на меѓународниот фестивал „Фолклорен водопад“, на кој учествуваа танцови состави од Канада, САД и Бугарија, јавува БНР.

По веќе етаблираниот фестивал „Вереја“ во Чикаго, бугарската музика и фолклор петта година по ред одекнаа покрај Нијагариниот Водопад. Во текот на два дена, бугарските народни носии и ритми го исполнија градот Нијагара Фолс, кој има нешто повеќе од 80.000 жители. Во чест на фестивалот, Нијагарските водопади беа осветлени во боите на бугарското знаме.

На фестивалот учествуваа повеќе од 600 изведувачи од 16 танцови ансамбли. Покрај групите од Канада и САД, годинава за првпат настапија и танчери од Бугарија – фолклорната формација „Искри“ од Софија. Петта година по ред како настапи и пејачката Ема Куцарова.

Меѓу гостите на фестивалот беа генералната конзулка на Бугарија во Торонто, Велислава Панова, и градоначалникот на Нијагара Фолс, Џим Диодати, кој важи за пријател на Бугарија и денес отпатува во официјална посета на земјата.

„Идејата е да го шириме бугарскиот фолклор и традиции, да создаваме пријателства со бугарските заедници во странство, да го чуваме бугарскиот дух и да ја поврземе убавината на бугарските народни танци со убавината на Нијагарските водопади“, изјави главната организаторка на фестивалот, Марија Димитрова, која настанот го организира заедно со Димитар Минков и Танцовиот клуб „Среќници“.



Слични Објави