Бугарскиот фотограф Радослав Свирецов освои прво место на Astronomy Photographer of the Year 2026
Бугарскиот фотограф и архитект Радослав Свирецов го освои првото место во категоријата „Поларни светлини“ на меѓународниот натпревар Astronomy Photographer of the Year 2026, организиран од Кралската опсерваторија во Гринич, Лондон, јавува БТА.
Наградената фотографија, насловена „The Crown“ („Круната“), е направена во близина на мала црква во Исланд во јануари 2026 година, за време на силна геомагнетна бура. Според Свирецов, во моментот на фотографирањето индексот на геомагнетна активност достигнал вредност седум.
„Во моменти како овој чувствувам единствено благодарност – што едноставно сум бил на вистинското место во вистинскиот момент“, изјави фотографот.
Ова е вторпат Свирецов да биде меѓу наградените автори на натпреварот. Во 2024 година една негова фотографија беше вклучена во потесниот избор.
„Круната“ е дел од изложбата Astronomy Photographer of the Year во National Maritime Museum во Гринич, која годинава претставува 100 наградени фотографии. Изложбата се отвора на 18 септември и ќе биде поставена во Лондон до средината на 2027 година.
Во 2026 година Свирецов освои и прво место во меѓународното финале на EISA Maestro во категоријата поединечна фотографија, со воздушна снимка од Виетнам.

