| |

Бугарскиот град Пловдив е избран за Европска престолнина на спортот во 2028 година

Пловдив официјално е избран за Европска престолнина на спортот во 2028 година, соопшти градоначалникот Костадин Димитров, јавува 24 часа.

„Пристигна официјално писмо – Пловдив е избран за Европска престолнина на спортот во 2028 година“, изјави Димитров за време на поставувањето на камен-темелникот на нов центар за социјална грижа во реонот „Тракија“.

Тој им се заблагодари на спортистите, спортските школи и федерациите кои во изминатите години придонеле за развојот на спортот во градот.

„Мисијата на спортот е да биде достапен за сите. Ќе биде распишана јавна набавка за 14 спортски терени на отворено во различни делови на Пловдив“, посочи градоначалникот.

Димитров информира дека дел од спортските проекти веќе се во напредна фаза. Изградени се нови сали за тенис и џудо во близина на училиштето „Черноризец Храбар“ во „Тракија“, а најавени се и нови инвестиции во спортската инфраструктура.

По завршувањето на стадионот „Христо Бонев“ е предвидено и обемно реновирање на стадионот „Пловдив“ кај Веслачката база. Конструктивното испитување покажало дека внатрешните трибини можат да се зајакнат без нивно уривање.

„Работиме во таа насока – да имаме јасен план за стадионот ‘Пловдив’“, рече Димитров.

Тој потсети дека во 2019 година, кога Пловдив беше Европска престолнина на културата, градот успеал да го покаже најдоброто од себе.

„Така треба да биде и со спортот во 2028 година“, нагласи градоначалникот.

Кандидатурата на Пловдив беше изградена околу концептот „Активен Пловдив“, кој става акцент на секојдневната физичка активност, користењето на училишните дворови и создавањето услови за спортување во близина на домот.

Слични Објави