| |

Нов проект ќе обезбеди дигитална поврзаност меѓу Европа и Азија преку Црното Море и Бугарија

Меѓународен проект за пренос на податоци треба да обезбеди дигитална поврзаност меѓу Европа и Азија преку Црното Море и Бугарија во 2027 година, соопшти бугарскиот министер за иновации и дигитална трансформација Иван Василев, јавува 24 часа.

На форумот „ЦРНО МОРЕ 2030: Безбедност, одржливост, иновации“ во Бургас, Василев изјави дека планираната траса ќе минува низ Казахстан, Азербејџан и Црното Море, а ќе стигнува до Софија.

Според него, новата инфраструктура ќе отвори дополнителни можности за економски развој на регионот, особено во секторите со висока додадена вредност.

„Податоците ја движат економијата на знаењето и активностите со висока додадена вредност“, истакна Василев, додавајќи дека покрај туризмот и трговијата, црноморските земји треба да ја развиваат и меѓусебната дигитална поврзаност.

Тој ја нагласи и потребата научните истражувања да добијат практична примена, наместо да останат само во рамките на научните публикации. Како ефикасен модел го посочи партнерството меѓу општините, научните институции и претприемачите.

„Јавните институции треба да ги поттикнуваат иновациите и да бидат нивниот прв клиент“, изјави министерот.

Василев информира дека Министерството работи и на воспоставување јасни и достапни правила за трансфер на технологии. Целта е научниците и истражувачите да бидат стимулирани своите разработки да ги претвораат во пазарни производи и услуги што решаваат конкретни проблеми.

Слични Објави