Зафиров: Очекуваме правата, кои ги ужива бугарската заедница во Молдавиja да бидат зачувани
Бугарија високо ги оценува напорите на молдавските власти за создавање услови за зачувување на националниот, културниот и јазичниот идентитет на бугарската заедница. „Очекуваме целокупниот обем на права со кои бугарската заедница во Република Молдавија располага во моментов да остане непроменет во контекст на административно-територијалната реформа, така што правата на Бугарите во регионот на Тараклија да не бидат засегнати,“ изјави заменик-премиерот на Бугарија Атанас Зафиров за време на средба со амбасадорот на Република Молдавија во Софија, Н.Е. Емил Жакота, јавува БГНЕС.
На состанокот биле разгледани широк спектар прашања од заемен интерес, меѓу кои развојот на билатералните односи, европската интеграција на Молдавија и состојбата на бугарската заедница во земјата.
Бугарија и Молдавија традиционално одржуваат одлични односи, засновани врз длабоки историски, културни и јазични врски, како и врз заедничките европски вредности. Зафиров го поздрави напредокот што Молдавија го постигна на патот кон членство во Европската Унија. Бугарската страна ја изрази својата подготвеност да го сподели искуството од процесот на преговори за пристапување, вклучително и преку експертска соработка.
Заменик-премиерот подвлече дека Бугарија континуирано ја поддржува Молдавија со политичка, финансиска и експертска помош. Во последните две години, бугарската држава има обезбедено над 2 милиони евра за проекти од социо-економско значење за локалните заедници во Молдавија.
Посебен акцент беше ставен на образовната и културната соработка. Беше потенцирано значењето на трансформацијата на Државниот универзитет „Григориj Цамблак“ во Тараклија во филијала на Универзитетот од Русе „Ангел К’нчев“. Овој процес правно беше финализиран на 2 април 2025 година, а официјално одбележан на 24 мај годинава, во присуство на министрите за надворешни работи на двете земји. „Очекувам филијалата да се претвори во силна платформа за одржливо бугарско образовно и културно присуство во регионот,“ истакна Зафиров.

