Јабланишкото Ждрело кај Трн доби статус на природна знаменитост
Јабланишкото Ждрело, кое се наоѓа на територијата на бугарската општина Трн, доби статус на природна знаменитост со одлука на министерката за животна средина и води Росица Карамфилова-Благова, соопшти ресорното министерство, пренесува БНТ.
Новото заштитено подрачје зафаќа површина од околу 26 хектари и се наоѓа во атарите на градот Трн и селото Банкја. Целта е да се зачува карактеристичната кањонска клисура на реката Јабланица, со бројни водопади, карпести прагови, ерозивни вдлабнатини, извори, пештери, карпести ѕидови и кули.
Според Министерството, подрачјето има висока пејзажна, геоморфолошка и естетска вредност.
Со одлуката се воведуваат повеќе ограничувања за заштита на природните вредности. Забранети се активности што можат да ги оштетат карпестите формации, да го изменат природниот релјеф или природниот воден режим на реката.
Во заштитеното подрачје нема да биде дозволена нова градба, освен одржување, поправка и реконструкција на постојните објекти и инфраструктура. Забранети се и експлоатација на подземни богатства и инертни материјали, внесување неместни растителни и животински видови, кампување, палење оган и загадување.
Од Министерството посочуваат дека прогласувањето на Јабланишкото Ждрело за природна знаменитост е резултат на соработката меѓу државните институции и Општина Трн.
Се очекува новиот статус да придонесе за зачувување на природното богатство на Трнскиот регион и за негово промовирање како дестинација за еколошки туризам.
Претходно, на 21 октомври, за природна знаменитост беше прогласен и Врапчанскиот Водопад кај селото Врапча во општина Трн, со заштитена површина од околу 7,7 хектари.
