| |

Петрова: Работиме со Романија, Турција, НАТО и европските партнери за намалување на ризиците во Црното Море

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова на средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Софија ги претстави позициите на Бугарија за актуелните прашања од европската агенда, меѓу кои безбедноста во Црното Море, војната во Украина, поврзаноста, проширувањето на ЕУ и преговорите за повеќегодишната финансиска рамка, јавува БНТ.

Петрова истакна дека Бугарија соработува со Романија, Турција, НАТО и европските партнери за зајакнување на безбедноста и намалување на ризиците во Црноморскиот регион.

Таа ја посочи и заедничката работа со Романија на создавањето Црноморски центар за поморска безбедност, со меѓусебно поврзани центри во Варна и Констанца. Бугарскиот центар треба да биде сместен во Високата военопоморска школа „Н. Ј. Вапцаров“ и да работи на ситуациска информираност, заштита на критичната инфраструктура, сајбер-безбедност, спротивставување на хибридните закани и еколошка безбедност.

Во однос на Украина, Петрова нагласи дека единството на ЕУ треба да биде основа на напорите за завршување на војната и дека Унијата треба да има поактивна дипломатска улога во координација со Украина и Соединетите Американски Држави.

Министерката ја потврди и поддршката на Бугарија за проширувањето на ЕУ врз основа на индивидуалните заслуги на земјите кандидатки. Според Софија, напредокот треба да зависи од исполнувањето на критериумите и преземените обврски, како и од спроведувањето на потребните реформи.

Средбата се одржа во Амбасадата на Ирска во Софија. Ирска го има ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ од 1 јули до 31 декември 2026 година.

Слични Објави