Бугарскиот министер за култура Евтим Милошев: Буџетот за 2027 година изнесува 307 милиони евра
307.024.800 евра изнесува буџетот на Министерството за култура на Бугарија. Ова го изјави министерот за култура на Бугарија, Евтим Милошев на прес-конференција посветена на предлог-буџетот на Министерството за 2027 година, пренесува БГНЕС.
На почетокот на прес-конференцијата, Милошев истакна дека слушнал многу мислења, изјави и ставови за буџетот што се прилично апстрактни. Според него, во уметноста апстракцијата е емоција.
„Дојде време да ги покажеме бројките, што веќе не е апстракција, туку нешто конкретно“, рече тој.
Министерот соопшти дека буџетот изнесува 307.024.800 евра и нагласи дека зголемувањето е 38 милиони евра, односно 14,1%.
Милошев посочи дека овој буџет е подготвен во услови на постапка поради прекумерен дефицит и завршен План за закрепнување и отпорност.
„Најголемиот буџет во историјата на Министерството за култура“, истакна тој.
Министерот нагласи дека средствата за култура растат со темпо што го надминува растот на економијата. Според него, тоа е јасен показател за приоритетите на оваа власт.
Трошоците за администрацијата изнесуваат само 1,2% од буџетот на Министерството, а сите останати средства се наменети за културата, посочи Милошев.
„Првата политика, која се однесува на заштитата на движното и недвижното културно-историско наследство, бележи раст од 9,2%, односно вкупно зголемување од 2,4 милиони евра“, рече тој.
Стандардот за финансирање на музеите и уметничките галерии се зголемува за 5%. Предвидени се 4,5 милиони евра за преминување на 49 општински музеи на системот на делегирано финансирање.
Се обезбедуваат и дополнителни субвенционирани работни места за 25 центри за дигитализација во музеите.
„Првпат воведуваме финансирање на археолошки истражувања на локалитети за период од три години, што им овозможува предвидливост на научните тимови“, соопшти Милошев.
Во Националниот културен календар првпат се воведува категорија наменета конкретно за музеи, галерии и библиотеки, кои ќе можат да аплицираат.
„Ваква мерка се воведува првпат. Тука тие можат да аплицираат рамноправно со сите други области и дејности во културата. Горната граница е 125 илјади евра“, изјави тој.
Министерот посочи дека најголемо е зголемувањето кај втората политика, која се однесува на создавањето и промовирањето на современата уметност во земјата и во странство и на пристапот до квалитетно уметничко образование. Тоа изнесува 15,1%, односно 36 милиони евра.
Според него, најголем дел од средствата се наменети за сценските уметности.
„Зголемувањето тука изнесува 15,5 милиони евра, со што средствата за сценските уметности достигнуваат 158,7 милиони евра“, објави Милошев. Тој соопшти и дека средствата за филмската уметност се зголемуваат за два милиона евра, на вкупно 32,5 милиони евра.
Посебно внимание им посвети на средствата за образование на кадри во областа на уметноста и културата.
„Зборуваме за зголемување од над три милиони евра, на вкупно 50.209.000 евра. Станува збор за сите 21 уметничко училиште во состав на Министерството за култура и за две училишта од областа на културата. Ова е значаен приоритет и голем напор на нашата влада“, рече министерот.
Милошев нагласи дека буџетската програма „Администрација“ е единствената кај која има намалување, и тоа за 9,5%, односно за 400 илјади евра.
Во однос на капиталните расходи, тој посочи дека во оваа ставка од предлог-буџетот за 2027 година зголемувањето изнесува речиси 100%.
„Зголемувањето е за 5.741.000 евра“, прецизираше министерот, потсетувајќи дека покривите на Националната уметничка галерија, Националниот историски музеј и Националната библиотека прокиснуваат.
Посебно внимание е посветено и на театарот „Сфумато“, како и на многу други помали тековни поправки на објекти од областа на културата и уметноста.
„Дигитализацијата, цифровизацијата и вештачката интелигенција во областа на културата некако не се во преден план, бидејќи во нашата област водечка е човечката интелигенција, водечки е човечкиот фактор, водечки е човечкиот талент“, изјави Милошев.
Во заклучокот тој рече дека секој систем, пред нагло да му се зголеми финансирањето, треба темелно да се реорганизира.
