Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов повика на поактивно учество на домашната одбранбена индустрија во проектите на SAFE – финансискиот инструмент на ЕУ за одбрана
Бугарските компании од одбранбената индустрија треба поактивно да бараат партнерства со водечки меѓународни компании за максимално да ги искористат можностите за учество во проектите во рамките на финансискиот инструмент на ЕУ SAFE. За ова разговараа министерот за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов, и претставници на Здружението на бугарската одбранбена индустрија (СБОИ) на средба во Министерството за одбрана, јавува Armymedia.
„Овие 3,2 милијарди евра преку SAFE се шанса да ги изградиме потребните одбранбени способности, но и да ѝ овозможиме на бугарската одбранбена индустрија активно да учествува во овој процес. Наша задача е да вложиме максимални напори за да се искористи нејзиниот потенцијал, а од индустријата очекувам иницијативност што ќе доведе до конкретни партнерства“, нагласи министерот за одбрана.
Министерот Стојанов ги запозна претставниците на здружението со актуелниот статус на одделните проекти и со напорите за создавање можности за учество на бугарски претпријатија во нив.
„Наша одговорност при подготовката на проектите е да предвидиме услов за бугарско учество, но ваша обврска е да создавате партнерства и да барате конкретни можности за соработка“, дециден беше тој.
Средбата е продолжение на дијалогот меѓу Министерството за одбрана и бугарската одбранбена индустрија, започнат уште во мај годинава. Уште тогаш министерот Стојанов изјави дека ќе работи на вклучување на бугарските компании во проектите во рамките на SAFE, иако планирањето на механизмот за Бугарија веќе е во прилично напредна фаза, а во оваа насока не е направено многу.
