Бугарскиот новинар од BBC Димитар Димитров со книга „Светот за македонските Бугари“
„Светот ги следи сите случувања во Бугарија уште од нејзиното ослободување во 1878 година. Борбите на македонските Бугари против Турците биле толку популарни што двајца Американци им се придружуваат на бугарските чети во Македонија и ги опишуваат настаните во книги, а во Велика Британија е објавен роман за бунтовниците. Има дури и марш за пијано посветен на бугарското востание, објавен во Париз“.
Ова во интервју за БГНЕС го изјави Димитар Димитров. Тој е долгогодишен новинар на Би-Би-Си Лондон и прв дописник на авторитетниот британски медиум во Бугарија после промените во 1989-та година.
Книгата „Светот за македонските Бугари“ е целосно базирана на публикации од Европа и Америка. Читателот ќе види скенирани пораки и репортажи, анализи и илустрации од англиските Graphic, Illustrated London News, Black&White, Sphere; Американските Harpers Weekley, Christian Herald; француските Le Monde Illustre, Pelerin, La Vie Illustee; италијанските Illustrazionne Italiana, Tribuna Illustrata, Domenica del Corriere; германските Illustrirte Zeitung, Gartenlaube.
Бугарското движење
Монографијата е објавена во пресрет на 120-годишнината од избувнувањето на Илинденско-Преображенското востание во 1903 г. Голем дел од неа е посветена на востанието. Може да се види колку детално Европа и Америка ја следат борбата на македонските Бугари за слобода.
Во текот на целата 1903 година – пред, за време и по востанието – извештаите и анализите на водечките информативни списанија на англиски, француски, германски и италијански јазик известувале за востанието на македонските Бугари и нивните страдања по неговото задушување.
Особено вредна е анализата на Брејлсфорд, кој објавува книга и етнографска карта на Македонија. Според него, доминантното население е бугарско. „Вреди да се прочита оваа анализа која е од човек кој често ја посетувал Македонија. Работел со Британскиот фонд за помош и ја знаел состојбата пред, за време и по востанието“, изјави Димитар Димитров.
Еве што пишува Англичанецот:
„Беше 1893 година кога група влијателни македонски Бугари се собраа во една куќа во Ресен и ја основаа „Внатрешната организација“. Двајца од нив сè уште се водачи на движењето – Дамјан Груев, учител во Солун, кој напуштил сигурна кариера и добри приходи за да стане конспиратор и илегалец, и Христо Татарчев, поранешен лекар во Солун, чии префинети манири и светски познавања го направиле дипломат на комитетот испратен да ја раководи неговата дејност од Софија…
Моментот за кој бугарското население се подготвуваше десет години, дојде за време на празникот на пророкот Илија – неделната вечер на 2 август 1903 година…
Иако ги достигнале стандардите на моралот и цивилизацијата, Македонските Бугари не треба да се судат според нив, туку според нивната храброст и решителност да се борат за нешто подобро. Тие ги заслужија нашите симпатии со историјата на нивната десетгодишна борба“.
Оценката на шведскиот писател и преведувач на словенската литература Алфред Јенсен е кратка и јасна: „Македонските Бугари – народот со кој имав најмногу контакти за време на моето патување – ми оставија добар впечаток. Зборуваат на западнобугарски дијалект“.
Хероината од Македонија
Необичен детал е тоа што во четнички активности се вклучени и Бугарки. Италијанското издание Tribuna Illustrata раскажува за една од тие Бугарки, нарекувајќи ја Македонската Јованка Орлеанка.
„Оваа македонска хероина, чие име е Зојка Иванова, сега е во четата на војводата Мазнејков. Зојка е родена во Радовиш, каде што била учителка, но во моментот кога се организирало востанието се откажала од учителствувањето за да им се придружи на бунтовниците запишувајќи се во три чети истовремено. Кога една од четите одмора, Зојка преминува во другата која е активна“. Турците, како што пишува италијанското издание, се плашеле од неа кога ќе и го слушнат името: “Бегајте, тоа е Зојка! Зојка е! Секогаш кога пука, некој паѓа, бегајте!”.
Американци во Македонија
„САД се една од земјите кои многу внимателно следат што се случува во Македонија. Тие имаат и конкретна причина – киднапирањето на Мис Стоун. Тоа е една од причините многу подлабоко да се заинтересираат кои се македонските Бугари и за што се борат“, изјави Димитар Димитров, осврнувајќи се на познатата афера со киднапирањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун од четата на ВМОРО, на чело со Јане Сандански и Христо Чернопеев во 1901-1902 година.
Аферата помогнала да се популаризира борбата на македонските Бугари, особено во САД, каде Елен Стоун подоцна држела предавања.
Можеби двајцата најпознати Американци кои ја опишуваат ситуацијата на македонските Бугари се Артур Смит и Алберт Сониксен.
Првиот е дописник на њујоршки весник кој влегува со бугарска чета во Македонија, а потоа ги опишува неговите подвизи во книгата „Во борба против Турците на Балканот“, објавена во 1908 година. Артур Смит отсекогаш бил заинтересиран за Бугарија и Македонија, кои успеал да ги посети во 1907 г. Еве што напишал: „Во тоа време во Македонија беснееја три бунтови против Турците – бугарски, грчки и српски. Од нив бугарскиот бунт бил најважен и најпознат во светот. Тоа не е чудно, бидејќи Бугарите несомнено го сочинуваат мнозинството на македонското население… Пред сѐ, треба да се запомни дека не постои специфичен македонски народ… Македонскиот Бугарин е ист како Бугаринот во Бугарија. Тој изгледа исто, зборува на истиот начин и во голема мера размислува на ист начин. Накратко кажано, од истиот корен е. Нема никаква разлика меѓу двете гранки на народот, освен што македонските Бугари кои се под турска власт, имаат помало ниво на култура и образование од своите браќа на север“.
Алберт Сониксен раскажува за бугарските војводи и четници во „Исповеди на еден американски четник“, објавена во 1909 година. Тој патувал со бугарските четници речиси шест месеци во 1906-та година и пишувал авторски текстови на англиски јазик во САД и Велика Британија. Се среќавал со многу војводи, меѓу кои и Апостол војвода од Ениџе Вардар, за кого остава многу живописен опис: „Апостол бил македонскиот Робин Худ. 13 години чекореше по воените патеки. Во деновите пред Дамјан Груев да го организира озлогласениот Централен комитет, Апостол преминуваше низ планините, еден од оние живописни разбојници што избувнуваат меѓу угнетените луѓе во речиси сите полуварварски периоди од историјата; нивните подвизи се раскажуваат во народните песни“.
Неколку години подоцна, после Првата светска војна, Сониксен бил поканет од американската влада да состави извештај за етничката состојба на населението во Македонија. Во него тој нагласува дека населението во Македонија е бугарско, со што се спротивставува на грчките и српските аспирации.
Прекрасен водич
Книгата „Светот за македонските Бугари“ на Димитар Димитров треба да се искористи за заштита на Бугарските национални интереси ширум светот.
„Бугарските дипломати треба да ја користат, но потребно е да стигне и до РС Македонија, и исто така да им се претстави на европските и американските сојузници на Бугарија. Без разлика дали тоа ќе биде господинот Макрон или некој друг кој не знае како стојат работите. Овде сè е скенирано и може да се прочита. Во Лондон видов колку често на западните специјалисти им е досадно да ги слушаат бугарските објаснувања. Во неа можат да прочитаат синтеза на англиски, француски, италијански и други европски јазици за македонските Бугари“, нагласи Димитар Димитров.