Османи – Реинсалу: Естонија е недвосмислен поддржувач на реформите и евроинтеграцијата на земјава

/

Интензивираниот политички дијалог во изминатиот период меѓу Северна Македонија и Естонија, што ја отсликува заедничката определба за блиски односи и развиена соработка во областите од заемен интерес, беа во фокусот на разговорите на денешната средба на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со неговиот естонски колега Урмас Реинсалу во Талин.

На прес-конференцијата по средбата Османи упати благодарност за силната и недвосмислена поддршка на Естонија, која во континуитет го помага процесот на европски реформи во нашето општество, но и ја манифестира поддршката во рамки на институциите на Европската Унија.

– Поддршката од Естонија во рамки на „Групата на пријатели за проширување“ заедно со другите балтички земји е во прилог на задржување на европската перспектива и придвижување на европските процеси во Западниот Балкан, вклучително и во нашата земја, истакна Османи.

Во овој контекст, Османи информираше за тековниот скрининг процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои престојат во наредниот период.

Особено значајна за реформските процеси во Северна Македонија е естонската поддршка за дигитализација на институциите во Северна Македонија и искористување на естонската експертиза на овој план.

– Очекуваме искуството на Естонија која е пионер во дигитализацијата во Европа, значително да ни помогне во натамошно подобрување на услугите во нашата земја, изјави Османи.

Тој информира дека имале продуктивна дискусија особено фокусирана на безбедносните предизвици од руската агресија во Украина и уште еднаш ги потврди нашите позиции како блиску сојузници на НАТО дека агресијата е бесрамно кршење на меѓународните правила.

– Северна Македонија беше недвосмислена во поддршката за Украина да победи во оваа вистинска борба, обезбедивме хуманитарна, медицинска, но и воена поддршка. Северна Македонија се приклучи на осумте пакети санкции на ЕУ и сто проценти ја усогласи својата надворешна политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Исто така, се согласивме дека зајакнувањето на источното крило на НАТО е од особена важност со цел да се спречи прелевањето на војната во евроатлантската зона и го истакнавме учеството на Северна Македонија во борбената група присутна во Летонија за нашиот активен придонес за одржување на трансатлантската безбедност, рече Османи.

Естонскиот министер за надворешни работи Реинсалу од своја страна истакна дека Естонија е еден од најголемите поддржувачи на земјава на патот кон полноправно членство во ЕУ, не само преку билатерална развојна поддршка, туку и преку промовирање на потребата за напредок и придвижување на регионот на Западен Балкан кон европското семејство.

Во контекст на исклучително сензитивен период на геополитички поместувања, кои имаат значајни импликации врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент, тој нагласи дека Естонија ги осудува сите деструктивни активности на руските оперативци против нашата земја.



– Во свое име и во име на естонскиот народ изразувам благодарност за големата поддршката што ја давате на украинскиот народ и украинската држава против руската агресија, нагласи Реинсалу, притоа реафирмирајќи ја потребата од едногласна солидарност од ЕУ и НАТО за поддршка на територијалниот интегритет на Украина.

На средбата, како што соопшти МНР, двајцата министри се согласија дека се потребни геостратешки одлуки во време на сериозни ризици на геополитички план, во однос на војната во Украина, како и единство и солидарност меѓу сите чинители за зачувување на стабилноста, безбедноста и мирот на европскиот континент.

Османи и Реинсалу заклучија дека сојузништвото и единството во НАТO во однос на одвраќање и јакнење на Источното крило на Алијансата е од примарно значење за одбранбената положба на пактот во овој период.

Двајцата шефови на дипломатиите разговараа и за случувањата во регионот на Западниот Балкан, при што се согласија за неодложната потреба од дијалог и меѓусебно почитување на засегнатите страни за изнаоѓање на прифатливи решенија за затворање на отворените прашања.

Османи информираше и за плановите на земјава за време на претседавањето со ОБСЕ во текот на 2023 година, изразувајќи надеж за блиска соработка и поддршка од Естонија на тој план.

За време на денешната посета на Талин, која е дел од неговата турнеја низ балтичките држави,

Османи го посети Центарот за соработка во кибер одбраната на НАТО, а предвидено е да се сретне со претседателот на Парламентот на Естонија, Јури Рутас и да ги посети и Естонскиот центар за меѓународен развој.

Балтичката турнеја Османи ја започна вчера со посета на Литванија, а утре ќе престојува во Рига, каде ќе се сретне со шефот на летонската дипломатија Едгарс Ринкевичс и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Рихард Колс, како и со македонските војници кои се дел од словенечкиот контингент на Мисијата на НАТО за зголемено засилено присуство во Летонија.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

Бугарскиот новинар од BBC Димитар Димитров со книга „Светот за македонските Бугари“

Следна статија

Бектеши: УЈП и Финансиска полиција да постапат во случаите со злоупотреби при преминот од отворен на регулиран пазар на струја

Најново од Вести