БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ СО ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА
Бугарскиот парламент изгласа декларација за почетокот на преговорите за влез во ЕУ на Македонија и Албанија, јавуваат бугарските медиуми.
Главните моменти во усвоената декларација се дека Бугарија ја продолжува својата константна поддршка за започнување на вистински почеток на процесот на пристапување во ЕУ за Македонија и Албанија со почетокот на преговорите за двете земји.
Во нацрт-документот се вели дека бугарскиот парламент ќе продолжи да го следи напредокот во спроведувањето на Договорот за пријателство, соседство и соработка помеѓу Бугарија и Македонија, како и спроведувањето на законот за малцинствата во Албанија.
Преку декларацијата, бугарскиот Парламент повикува на ефикасно, спроведување на Договорот за пријателство, соседство и соработка од 2017 година, и строго придржување кон чл. 8 од Договорот.
Бугарските пратеници бараат историските личности и настани да бидат толкувани според “ објективни, автентични и историски извори засновани на докази“ и исто така македонската страна да не повикува или да дава поддршка за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија.
Текстот на декларацијата на парламентот речиси во целост ја повторува рамковната позиција за условена поддршка на Македонија и Албанија од бугарска страна, што беше објавена вчера од Владата на Република Бугарија.