Бугарскиот патријарх Даниил го посети Иверскиот манастир на Атон и се поклони пред чудотворната икона на Пресвета Богородица – Вратарница
Со црковни песнопенија и ѕвонење на камбаните, бугарскиот патријарх Даниил денеска беше пречекан во Иверскиот манастир, во кој се чува чудотворната икона на Пресвета Богородица – „Портаитиса“ (Вратарница). Пред чудотворниот лик на Богородица, патријархот се помоли за целиот бугарски народ, таа со својата мајчинска закрила да го чува и заштитува. Копија од оваа чудотворна икона се чува во Роженскиот манастир во Неврокопската епархија, каде што од 2004 до 2011 година идниот бугарски патријарх Даниил служел како јеромонах, архимандрит, а потоа и како драговитиски епископ – викар на неврокопскиот митрополит, соопштија од Бугарската патријаршија, пренесува БТА.
Патријархот Даниил е во својата прва посета на Атон по покана на братството на Зографскиот манастир. Тој ќе чиноначалствува со сеноќното бдение и празничната света литургија во манастирот по повод празникот на светите 26 Зографски маченици.
Патријархот Даниил и свештенослужителите што го придружуваат беа примени од игуменот на манастирот, архимандрит Натанаил, кој не ја криеше големата духовна радост од посетата на бугарскиот патријарх.
„Ви посакуваме, Ваша светост, нашиот Господ да Ви подари здравје, сила и просветление, за да можете да ги крепите и водите православните верници кон светлината на Воскресението и слободата на нашиот распнат Господ Исус Христос. Нека нашата заштитничка – Портаитиса (Вратарница) – Ве чува и закрилува со својата мајчинска љубов“, рече архимандрит Натанаил. Тој на бугарскиот патријарх му подари икона – копија од чудотворната икона на Пресвета Богородица – Вратарница.
Во своето обраќање до игуменот и братството, патријархот Даниил ја сподели духовната радост поради можноста да се поклони пред големите светињи што се чуваат во манастирот.
„Иверскиот манастир е познат во Бугарија по својата икона на Пресвета Богородица, чија копија се наоѓа во Роженскиот манастир, кој некогаш бил метох на Иверскиот манастир. Иконата се наоѓа во манастирот од осумнаесеттиот век и им помогнала на илјадници верници. Лично сме имале можност да се радуваме и да бидеме сведоци на нејзината помош, бидејќи седум години од нашето служење поминаа и во Роженскиот манастир. Така, во извесна смисла, ние сме духовни браќа“, рече патријархот Даниил.
Во манастирот бугарските свештенослужители се поклонија и пред различни светињи – икони и мошти на светители што ги чуваат монасите, соопштија од Бугарската патријаршија.
Посетата на патријархот Даниил на Света Гора продолжува до 24 октомври.
