Бугарскиот патријарх Даниил предводи црковна делегација во Светата земја на својата прва мирна посета на Ерусалимската патријаршија
Бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил пристигна во Израел на својата прва мирна посета на Ерусалимската патријаршија, соопштија од Бугарската патријаршија. Посетата е на покана на ерусалимскиот патријарх Теофил Трети и со одлука на Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП) и ќе трае до 30 септември, јавува Darik.bg.
Во составот на делегацијата се варненскиот и великопреславски митрополит Јоан, неврокопскиот митрополит Серафим, мелничкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод, протоѓаконот д-р Дејан Коруноски, д-р Александар Смочевски – патријаршиски советник и преведувач, и други лица.
Бугарската црковна делегација беше свечено пречекана кај Јафската (Давидова) порта од претставници на Ерусалимската патријаршија, од каде што започна поворка кон храмот „Воскресение Христово“ (Гробот Господов). Таму патријархот Даниил беше пречекан од ерусалимскиот патријарх Теофил Трети, а во храмот беше отслужен благодарствен молебен. Бугарската делегација се поклони пред Гробот Господов.
По молитвеното последование беше извршена литија до Ерусалимската патријаршија, каде што се одржа првата официјална средба меѓу двајцата поглавари и беше претставена бугарската црковна делегација.
Според официјалната програма, во следните денови патријархот Даниил и делегацијата ќе посетат различни светилишта поврзани со животот, страдањата и воскресението на Спасителот. Во недела, на Гробот Господов ќе биде отслужена свечена света литургија, на која двајцата поглавари ќе сослужуваат.

