Бугарскиот премиер: Единствениот пат напред за РС Македонија е целосно исполнување на Европскиот консензус од 2022 година
Единствениот пат напред за Република Северна Македонија е целосното исполнување на договореностите од Европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија. Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков синоќа на заеднички брифинг со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, пренесе БГНЕС.
Желјазков потсети дека бугарските влади предводени од Бојко Борисов добро соработувале со владите на РСМ предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски, кога беше потпишан Договорот за добрососедство. „Беше најден модус кој овозможи РСМ, како и останатите балкански држави, врз основа на сопствени заслуги да напредува во процесот на пристапување. Компромисниот предлог за време на француското претседателство беше одобрен од Советот, доби поддршка од бугарскиот парламент и ништо оттогаш не е променето – ниту во принципите, ниту во пристапот – што би дало основа на колегите од Скопје да тврдат дека постои бугарски диктат“, изјави бугарскиот премиер.
Тој додаде дека Народното собрание годинава ја потврдило позицијата на Софија: „Јасно кажавме дека нема да поставуваме нови барања за обврски кон нашите соседи“. Воедно, Желјазков оцени дека е „апсолутно неоправдано и излишно“ оспорувањето пред Уставниот суд на РСМ на потпишаниот протокол кон Договорот за добрососедство, кој предвидува годишен преглед на спроведувањето на Договорот.
Бугарскиот премиер изрази надеж дека ќе бидат почитувани правата на бугарската заедница во РСМ, вклучително и обврската за нејзино впишување во Уставот: „Тоа е предуслов нашите соседи да продолжат по патот кон полноправно членство во Унијата“.
Желјазков нагласи дека Бугарија уште од своето претседателство со ЕУ јасно ја ставила на маса поддршката за проширувањето, особено на Западен Балкан, бидејќи тоа гарантира повисок степен на безбедност и просперитет за регионот. Тој потенцира дека Унијата е силна само кога е единствена, и повтори дека Софија не поддржува воведување квалификувано мнозинство при одлучувањето за проширување и надворешна политика: „Само преку консензус можеме да го зачуваме довербата во ефективноста на одлуките“.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта од своја страна истакна дека во 2022 година ЕУ ги одобри условите за пристапување на РСМ: „РСМ, секако, мора да ги исполни тие обврски за да може да напредува во преговорите“, рече Кошта.

