Кошта: Северна Македонија презеде обврски и мора да ги исполни за да напредува кон ЕУ
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави во Софија дека Република Северна Македонија (РСМ) ги променила Уставот, националното знаме и името на државата, и дека е разбирливо што очекува конкретен напредок во процесот на пристапување кон Европската унија (ЕУ). Но, како што подвлече, договореното мора да се спроведе без дополнителни услови, јавува БТА.
Кошта во текот на вчерашниот ден пристигна во Софија, каде што одржа заеднички брифинг со бугарскиот премиер Росен Желјазков во резиденцијата „Бојана“.
„Во 2022 година Европскиот совет ги одобри условите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ. Државата треба да ги исполни овие обврски за да напредне во преговорите. Лично сум многу ангажиран во овој процес, повеќепати сум ја посетил и Бугарија и Северна Македонија, и верувам дека по изборите во Скопје ќе можеме да направиме исчекор,“ изјави Кошта.
Тој нагласи дека изградбата на доверба е клучна и дека е важно на Скопје да му се гарантира дека нема да се бараат дополнителни услови во иднина. Кошта го поздрави фактот што повеќето влади од регионот работеле на конкретни прашања за подобра поврзаност на двата народа и за јакнење на конкурентноста на економиите.
„Секогаш кога доаѓам во регионот, повторувам исто – процесот на проширување бара многу, но најважно е да се промени начинот на размислување. Балканот може сам да ги надмине конфликтите од минатото и да се насочи кон заедничка иднина,“ рече тој.
Кошта потсети дека Европската унија е создадена од пепелта на Втората светска војна, кога Франција и Германија по три драматични конфликти решиле да го свртат грбот на минатото. „Успехот на ЕУ произлегува од одлуката на државите да ги надминат старите спорови. Сега е време и ние да работиме заедно и да градиме заедничка иднина,“ порача претседателот на Европскиот совет.

