Бугарскиот премиер Росен Желјазков денеска и утре во официјална посета на Црна Гора
Бугарскиот премиер Росен Желјазков денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Црна Гора, јавува БГНЕС.
Во рамките на посетата, тој ќе има средби со неговиот колега Милојко Спајиќ, како и со претседателот на државата Јаков Милатовиќ. Во првиот ден е планирано потпишување на два важни документа за соработка меѓу двете земји – спогодба за научна и технолошка соработка меѓу премиерите Желјазков и Спајиќ, како и билатерална декларација за соработка во областа на транспортот, која ќе ја потпишат министрите Гроздан Караџов и Маја Вукичевиќ, со цел воспоставување директна авионска линија меѓу Софија и Подгорица.
Во чест на празникот на Соединувањето, премиерот Желјазков ќе открие бистa на Кнез Александар I Батенберг во Факултетот за политички науки при Универзитетот на Црна Гора, настан со кој ќе се одбележат 140 години од Соединувањето на Кнежество Бугарија и Источна Румелија. Тој исто така ќе одржи јавна лекција пред студентите на универзитетот.
Во официјалната бугарска делегација ќе бидат и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, министерот за туризам Мирослав Боршош и министерот за здравство Силви Кирилов, кои ќе остварат средби со своите црногорски колеги.

