(Видео) Бургас свечено го пречека стартот на Џиро д’Италија во Бугарија
Бургас официјално го отвори бугарскиот дел од Џиро д’Италија со церемонија во Летниот театар, каде беа претставени 23-те екипи што ќе учествуваат на една од најпрестижните велосипедски трки во светот, јавува БГНЕС.
Пред стартот на трката, 184 велосипедисти од 23 тима продефилираа пред навивачите, а атмосферата во градот беше исполнета со музика, аплаузи и розови знамиња.
За првпат Бугарија е дел од рутата на Џиро д’Италија. На 8 мај ќе се вози првата етапа со старт во Несебар и цел во Бургас, а ден подоцна караванот ќе продолжи кон Велико Трново.
„Ова е историски момент за нас. Спортски настан од ваков размер се случува за првпат“, изјави Димитар Илиев.
Министерката за туризам Ирена Георгиева оцени дека Џирото е можност Бугарија да го претстави својот туристички потенцијал пред светот, додека градоначалникот Димитар Николов изјави дека градот ги исполнил сите барања на организаторите.
Џиро д’Италија се одржува од 1909 година и е една од трите најголеми велосипедски трки во светот, заедно со Тур де Франс и Ла Вуелта.

