Стојанче Јовановски осуден на 12 години затвор за смртта на Ивана и Катја
Стојанче Јовановски е осуден на дванаесет години затвор за смртта на неговите сопруга и ќерка Ивана и Катја.
Тој е обвинет за загрозување на сигурноста, телесни повреди при семејно насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана која на 2 март падна од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја. Тој е прогласен за виновен за сите три кривични дела што му се ставаа на товар.
Обвинителството во завршните зборови побара судот да му изрече максимална казна на Јовановски, оценувајќи дека во постапката бил докажан континуитет на физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска. Според обвинителството, не станувало збор за изолиран инцидент, туку за подолготраен образец на контрола и малтретирање што кулминирал со трагичниот настан.
Во однос на обвинетиот, обвинителката наведе дека, според медицинското вештачење, кај него не постои душевно заболување, кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потреба од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.
Одбраната на обвинетиот, пак, во завршниот збор тврдеше дека доказите се контрадикторни, а сведочењата претежно посредни. Адвокатот рече дека не е докажано кој, кога и на кој начин ги нанел повредите, како и дека не е докажан каузалитетот ниту за кривичното дело загрозување на сигурноста ниту за делото наведување на самоубиство и помагање во самоубиство поради што побара обвинетиот да биде ослободен.
Самиот Јовановски ги отфрли обвиненијата против него.

