Бугарскиот претседател Петар Стојанов и потомците на македонските родови и семејства во Бугарија: Судири меѓу Бугари и Македонци се подигрување со споменот за Гоце Делчев
Претседателот на Бугарија во периодот 1997-2002 г. Петар Стојанов и потомци на познати семејства и родови од Македонија излегоа со апел до граѓаните и политичарите на Северна Македонија и Бугарија да не дозволат ескалација на тензиите за време на прославата на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Апелот го објави прес-службата на претседателот Петар Стојанов, пренесува Фактор.
Кон него се придружуваат внуката на полковникот Борис Дрангов – Рајна Дрангова, правнуката на охридскиот фолклорист и етнограф Кузман Шапкарев – Елисавета Шапкарева, внуката на војводата Тодор Александров – Евелина Александрова, внукот на војводата од Штип Мише Развигоров- Михаил Развигоров, внукот на директорот на весникот „Македонија“ Симеон Евтимов – Симеон Евтимов и правнукот на Гоце Делчев и управител на Фондацијата за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ – маестро Христо Христов.
Еве што стои во апелот:
„Провоцирани судири меѓу граѓаните на Република Северна Македонија и граѓаните на Република Бугарија би биле неприфатливо подигрување со споменот на Гоце Делчев! Тие ќе фрлат грда сенка не само врз односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз каузата на загинатите за слободата на Македонија од османлиска власт.
Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било земја, свесно или несвесно, да го уништат делото на нашите предци.
Претседателот Стојанов и потомците на македонските семејства ги повикуваат политичарите во Софија и во Скопје да „соработуваат со сите сили за да го спречат јазикот на омраза, кој е штетен за нашите две општества и за иднината на нашите две земји“.
Апелот е своевиден глас на разумот кој треба да надвладее над емоциите и страстите што се вртат во последните недели во двете братски земји, но е и пример за државничка и граѓанска позиција кон предизвиците на денешницата и споменот за нашите предци“.