| |

Германија ќе нарача 500 ракетни системи EuroPULS, вклучително и за Бугарија

Германските вооружени сили (Бундесверот) се подготвуваат да склучат рамковен договор за набавка на околу 500 нови повеќецевни ракетни системи MARS 3, познати и како EuroPULS, објави специјализираното германско издание Hartpunkt, повикувајќи се на добро информирани извори, пренесува бугарскиот дневен весник 24 часа.

Според информациите, половина од системите ќе бидат наменети за германската армија, а останатите може да ги купат сојузнички држави под истите услови. Парламентарната постапка за проектот се очекува во втората половина на 2026 година.

Системот EuroPULS е дел и од големите модернизациски проекти на Бугарската армија во рамките на механизмот SAFE на Европската унија. Бугарија може да добие околу 480 милиони евра веднаш по одобрувањето на проектите од Европската комисија, средства наменети за почеток на договорите за EuroPULS и други системи.

Германското Министерство за одбрана планира и рамковни договори за муниција, при што во првата фаза ќе се купат ракети со дострел од околу 150 километри. До 2030 година Бундесверот треба да добие десетици илјади ракети, со дополнителни испораки во следните години.

Во подоцнежните фази се разгледуваат и ракети со дострел до 300 километри, како и други напредни видови муниција. Програмата е дел од пакетот за модернизација на германската армија вреден повеќе од 20 милијарди евра, одобрен од парламентот во 2025 година.



Слични Објави