(Видео) Вечерва во Софија премиера на најновата бугарска серија „Мамник“, една од главните улоги ја толкува Екатерина Лазаревска од Скопје
Бугарската национална телевизија (БНТ) и приватната телевизија Bulgaria On Air вечерва ќе ja претстават премиерата на најновата бугарска серија „Мамник“, создадена според истоимениот роман на Васил Попов и инспирирана од неговиот успешен аудиосеријал, соопштуваат од екипата на БНТ. Настанот ќе се одржи од 19:00 часот во Cinema City, Mall of Sofia, на булеварот „Стамболиски“.
Една од главните улоги во серијата на инспекторката Божана Горнева ја толкува актерката Екатерина Лазаревска од Скопје, која својата кариера ја гради во Бугарија по дипломирањето на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија.
Серијата во продукција на БНТ, „Глобал Филмс“ и Falconwing Studio, „Мамник“ испреплетува криминалистички заплет, фантастични елементи и бугарски фолклор, раскажувајќи приказна за древно зло што повторно се разбудило во изолираното погранично село Вракола.
Во 12-те епизоди, гледачите ќе ja следат истрагата на полицајката Божана Горнева (Екатерина Лазаревска), нејзиниот колега Митко (Маријан Стефанов) и локалниот полицаец Камен (Јордан Р’син), кои се соочуваат со серија мистериозни убиства и со легендата за Мамникот – демонска птица од бугарскиот фолклор. Меѓу актерската екипа се и Гринго-Богдан Григоров, Владимир Пенев, Ели Скорчева, Атанас Атанасов и други.
Режисер и креативен продуцент е Виктор Божинов, директор на фотографија е Антон Бакарски, а сценаристи се Владислав Тинчев и Димитар Христов – Кевин. Серијата е реализирана со поддршка на Националниот филмски центар, појаснуваат од екипата.

