ШТО ЛИ ТИ МИСЛАМ?

Те видов и онемев. Не ги разбирам луѓето околу мене. На друг јазик зборуваат кога ти си присутен. Сликата запира, се е толку бавно. Времето веќе не е непријател. Што си ми ти? Ах, тие очи мед планински… Ме гледаш и знам дека не сум само еден евтин алкохол за тебе. Тишината ти го прави најголемо ехо. Ти ечи во душата. Да, да… Што ли ти мислам?

Ти си најубавата песна некогаш напишана мил мој. Ти си сите зборови неискажани. Копнеж си ти. Ах, тие очи мед планински… Ја испија мојата тага до последна капка. Ништо лошо не остави за мене. Колку ли цветови ми донесе? Колку ли облаци растрга?

Дојди ми музо моја несудена. Дојди, заедно да сонуваме. Не ми пишувај „спиј“ доцна во ноќта. Спијат само оние на кои нема за кого да им заиграат очите. Спијат оние кои уживаат во самољубието. Дојди душо моја, убава… Што ли ти мислам?

Дозволи ми да ти ги бакнам рацете. Легни во скутот да ти ја погалам косата. Сега ти сонувај мил мој. Никогаш веќе не „спиј“ . Конечно си на местото каде што треба да бидеш.

Автор: Плетенка