Бугарскиот прв дипломат Николај Милков се сретнал со амбасадорката на РС Македонија во Бугарија Агнеса Руси Поповска

//

Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков се сретна со вонредната и ополномоштена амбасадорка на РС Македонија во Бугарија Агнеса Руси Поповска. Средбата се одржала вчера во Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Министерот Милков го изразил своето задоволство што со назначувањето на амбасадор во Софија, конечно е надминат дефицитот во билатералниот дипломатски дијалог, што ќе му овозможи активно да продолжи да работи на клучните прашања од политичката агенда. Тој истакнал дека компромисот постигнат со т.н „Францускиот предлог“, спроведувањето на Договорот од 2017 година и билатералните протоколи на состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија го поставиле механизмот за решавање на постојните прашања. Следниот чекор е реализацијата и конкретните резултати, јавуваат од бугарското МНР.

На средбата се разговарало за можностите за развој на длабинска и ефективна секторска соработка. Во таа насока, со задоволство бил забележан позитивниот тренд во трговско-економските односи и зголемувањето на билатералната трговска размена, како и активностите на културните центри од двете земји. Министерот Милков изрази загриженост за последните случувања во билатералните односи, конкретно поврзани со правата на Бугарите во Северна Македонија, стои во соопштението на МНР на Бугарија.



Двете страни се обединија околу мислењето дека од заеднички интерес е да се фокусираат повеќе напори за надминување на влијанието на негативните манифестации и повторно активирање на позитивната динамика во билатералните односи. Министерот Милков ја истакна потребата од создавање позитивна атмосфера во која доминантно е партнерството.

На крајот од разговорот, министерот Милков и посакал на Поповска успех на функцијата. Тој ја уверил дека во лицето на бугарското МНР има конструктивен партнер, подготвен за директна и отворена комуникација за сите прашања од билатералната агенда.

Претходна статија

МЗ: 11 новозаболени, 56 оздравени

Следна статија

Перев: Треба да се интервенира во Скопје и Софија, бугарскиот лев да стане конвертабилен во РСМ

Најново од Вести