Наредната недела јавен повик за распределба на социјални станови во Свети Николе

/

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие стопанисување за деловен и станбен простор, Зоран Ѓеоргијев најавија дека во вторник наредната недела ќе се распише јавен повик за распределба на социјални станови во Свети Николе.

-Зградата брои 48 станбени единици и ќе биде дом за исто толку социјално ранливи семејства од оваа општина.На јавниот повик можат да аплицираат шест категории граѓани и тоа, деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители,корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост,лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите и самохрани родители со малолетни деца, рече денеска Бочварски, при увидот на зградата.

Огласот ќе трае 30 дена и ќе биде објавен во Центарот за социјални работи во Свети Николе како и на веб страната на Министерството за транспорт и врски.

Посочи дека Комисијата за распределба составена од вработени од министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика, ќе бидат во постојата координација со Центарот за социјални работи од Свети Николе со цел поефикасна распределба на социјалните станови.

-Сакам да апелирам до граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат за социјален стан, доколку имаат потешкотии при комплетирање на потребната документација, без двоумење да се обратат до Комисијата и до Центарот за социјални работи од каде им стојат на располагање.Документите да се доставуваат до Центарот за социјални работи, додаде Бочварски.



Забележа дека како Влада ова е еден од начините како и во овие услови на светска и енергетска криза да помогнат на ранливите семејства.

-За неполни два месеци распишавме три јавни повици за распределба на социјални згради во Пробиштип, Виница и за социјалната зграда во Свети Николе.Изградивме или во фаза на изградба се преку 850 станбени единици низ целата земја и така имаме намера да продолжиме и во наредниот период, вели Бочварски.

Директор Ѓеоргијев истакна дека објектот се состои од приземје, четири ката и поткровјe, со вкупна станбена површина од 1997,43 метри квадратни и дополнително со 48 подруми, а становите се со површина од 35 до 47 метри квадратни. Вкупната инвестиција изнесува 84.298.137 денари. Посочи дека досега се изградени 22 вакви објекти, во завршна фаза се во Демир Капија и Неготино, а во изградба се во Бутел, Дебар, Кочани и Сарај. Планирана е и изградба на нови социјални згради во Пехчево, Прилеп и Штип.

Претходна статија

Постојат инструменти за докажување и откривање на состојбата на незаконски стекнатиот имот

Следна статија

МЗ: 11 новозаболени, 56 оздравени

Најново од Вести