Бугарскиот ученик Андреј Стефанов освои златни медали на светските олимпијади по математика и информатика
Бугарскиот ученик Андреј Стефанов освои пет медали во 2026 година – четири златни и еден бронзен, меѓу кои и златни одличја на Меѓународната олимпијада по математика (ИМО) и на Меѓународната олимпијада по информатика (ИОИ), објави MediaBricks во интервју со младиот натпреварувач.
Стефанов, прогласен за олимпијадец на годината, досега има освоено вкупно 20 медали на меѓународната сцена: 12 златни, шест сребрени и два бронзени. Во 2026 година тој третпат беше дел од бугарскиот национален тим по информатика и вторпат од сениорскиот национален тим по математика.
„Најсилната мотивација пред секој натпревар ми е да постигнам добар резултат. Задачите ми се интересни и сакам да ги решам“, изјави Стефанов за MediaBricks.
Според него, знаењата од математиката и информатиката меѓусебно се надополнуваат и му помагаат при решавањето проблеми во двете области.
„Двете науки си помагаат меѓусебно, бидејќи кога имаш знаења од другата наука, имаш предност“, објасни тој.
Натпреварите по математика ги доживува како постресни, особено кога подолго време не успева да најде решение. Во такви ситуации понекогаш прави кратка пауза и се обидува да ја согледа задачата од поинаков агол.
„Ме научија да работам под стрес, да работам со ограничено време, како и да ги гледам проблемите од различна перспектива, што исто така е важно“, рече Стефанов за искуството стекнато на натпреварите.
Неговото прво учество на голема меѓународна олимпијада било на ИОИ во 2024 година, кога освоил сребрен медал. Олимпијадата по информатика во 2025 година ја издвојува по бројните познанства со ученици од различни држави, со дел од кои и натаму одржува контакт.
Интересот за математиката го развивал уште од рана возраст, а со информатика почнал да се занимава во шесто одделение. За поддршката им се заблагодари на наставничките Петја Тодорова и Дијана Петрова, на поранешните олимпијадци Веселин Маркович, Борис Михов и Марин Христов, како и на своите родители.
Сега и самиот им помага на помладите натпреварувачи со совети пред нивните настапи. На учениците што размислуваат да учествуваат на олимпијади им порачува дека најважни се сопствената желба и подготвеноста сериозно да се посветат на подготовките.
Покрај математиката и информатиката, Стефанов се натпреварува и во брзо составување Рубикови коцки. На натпреварот Sofia Summer 2026 го освоил третото место во дисциплината 5×5×5, а претходно бил четврти во истата дисциплина на Blagoevgrad Open.
Во наредните месеци приоритет ќе му биде пријавувањето на универзитет во странство, каде што најверојатно ќе студира информатика.
„Постигнав сè што сакав да постигнам. Можеби можам да го подобрам постигнатото во текот на годината, но тоа не ми е толку голем приоритет“, изјави Стефанов.
