Бугарските фудбалски ѕвезди од Светското првенство во 1994 г. со нова хуманитарна иницијатива
Фондацијата „Национали ‘94“ од Бугарија организираше хуманитарен голф-турнир на терените на „Пирин Голф & Кантри Клуб“ во Разлог, со цел да се поддржи детската клиника при Националната кардиолошка болница во Софија. Настанот собра на едно место легенди од бугарскиот и светскиот фудбал, обединети во мисијата да се обезбеди современа медицинска опрема за третман на деца со срцеви заболувања.
На турнирот учествуваа славните фудбалери Христо Стоичков, Красимир Балаков и Борислав Михајлов, како и интернационалните ѕвезди Хулио и Пачи Салинас, Ханси Милер, Томас Бертолд и Франц Волфарт.
Настанот е дел од поширока кампања фокусирана на поддршка на детското здравство во Бугарија. Организаторите најавија дека турнирот ќе се одржува секоја година, секогаш со нова хуманитарна цел поврзана со децата.
Во рамки на настанот, фудбалските легенди ја посетија и старата чаршија во Банско, каде уживаа во културното и историско наследство на регионот.
Потсетуваме дека фондацијата на 27 април годинава организираше голем хуманитарен настан – пријателски натпревар меѓу фудбалските легенди од Светското првенство САД ‘94 и ѕвездите на Северна Македонија. Натпреварот се одржа на стадионот „Спартак“ во Варна, а средствата собрани од продажбата на билетите беа донирани за лекување на повредените во трагичниот инцидент во дискотеката Пулс во Кочани.

