| |

Бугарските гробови во Македонија

Пишува: Владимир Перев

Македонија е посеана со гробови од сите возможни војски и армии кои минувале и војувале низ нејзината територија. Гробовите се слика за нив, но и слика, како за победниците, така и за победените во војните, најмногу во Првата светска војна. Гробовите се и слика на државата под чие знаме се бореле жртвите, безразлично дали биле победници или победени! Дали е тоа така?

Победниците во Првата светска војна имаат уредени и сочувани гробишта. Пример за тоа се гробиштата на паднатите француски, српски и грчки војници и офицери во Македонија, прекрасно уредени и одржувани. Наспроти нив, до скоро време, бугарските гробишта беа запуштени и изоставени на милост и немилост на забот на времето, најчесто одржувани од милоста и спомените на месното население. Некаде беа и брутално девастирани, а каменот од гробиштата беше разграбуван и вграден во приватните куќи на некои од соседите на гробните места. Таков беше случајот со германските гробишта во Прилеп, каде покрај германските, се погребани и бугарски офицери и војници, како и војници од други сојузнички, но и непријателски војски на силите на Оската. Почиваат сите заедно! Пред извесно време, Германските гробишта во Прилеп беа возобновени, како со дипломатската активност на Германија и Бугарија, така и со непосредно учество на градските власти.

Бугарските воени гробишта во струмичкото Ново Село, со својата запуштеност и неодржаност, беа слика на незаинтересираноста на бугарската држава за своето воено и историско наследство. Уредно оградени и со натписи на гробовите, веднаш до месните гробишта, беа оставени на милоста на месното население, кое сепак покажува одредено внимание кон нив. Ако ништо друго, барем не се брутално разрушени. Гробиштата пак во с. Цапари, битолско, се наоѓаат во кругот на месните гробишта, некако полуразделени од селските и се наоѓаа во релативно по добра состојба.

Гробиштата и споменикот во с. Чичево се наоѓаат во очајна состојба, а за споменикот во с. Дреново, до скоро се грижеше семејството кое го има имотот. Само прилепските (германските) воени гробишта беа лош пример на почитта кон мртвите, па макар и да биле непријатели. Како што често се споменува великиот бугарски поет Димчо Дебелјанов, несреќната жртва на Првата светска војна, “мртвите не можат да бидат нашиот враг“.

Последниве дваесетина години ситуацијата се промени. Бугарската држава и армија се заинтересираа за своите жртви, паднати под знамињата на Бугарија и закопани на македонска земја. Истовремено се појави и Фондацијата “Б’лгарска памет“ на филантропот и мецена д-р Милен Врабевски, па работите тргнаа од мртва точка. За почеток беа возобновени гробиштата во струмичкото Ново Село, а во иднина се предвидуваат и други зафати.

Обновените од бугарската држава и од д-р Милен Врабевски, гробишта во Ново Село, станаа место на поклонение кон жртвите и место за развивање на добрососедски и пријателски односи. Секоја година, воени лица, кадети од воените училишта, функционери од месната власт и ученици од бугарските воени и цивилни училишта, на Ѓурѓовден и на Архангелова задушница, доаѓаат на поклонение и ново запознавање. Слична е и традицијата во Цапари, каде традиционално се чествува Архангеловата или т.н Војничка Задушница, традиција и на месното население. Таму секоја година присуствуваат и високи бугарски државни и воени функционери.

Оваа година на чествувањето беше бугарска делегација предводена од заменик претседателот на државата, Илијана Јотова. Во Ново Село, делегацијата беше предводена од бугарската заменичка министерка за одбрана, Катерина Граматикова. Низ медиите, присуството на Граматикова и Јотова беше пречекано на различен, но сепак негативен начин. Појавата на Граматикова на Ново Село беше речиси премолчена а Јотова во Битола беше пречекана со негативни коментари. Тоа е наследство на минатото, со тоа треба да се сообразиме, но бугарскта држава треба да најде начин тоа да го отстрани.

Иронично звучеше коментарот низ медиите дека “на панахидата во село Цапари, освен официјалните бугарски лица и неколку михајловисти, жителите на Цапари не учествувале во панахидата“. Сите ние знаеме зошто цапарци не учествувале, тоа е барем јасна работа. Но тие се тука, присутни, гробиштата се во нивната црква и тие низ времето се грижеле како за своите починати, така и за оние кои паднале на фронтот, се грижеле за нивниот Божји мир и нивниот племенит подвиг.

За прв пат после сто години, делегацијата предводена од Граматикова ги посети Градските гробишта во Струмица, запали свеќи и положи венци на гробовите на шестмина паднати бугарски офицери за време на Првата светска војна. Градските гробишта во Струмица се уникатен пример од светски ранг, за содејство на граѓаните со армија, која тие ја чувствувале за своја. Гробовите се сместени меѓу цивилните гробишта, блиску едни до други, тие се во релативно добра состојба и се одржувани од месното население, повеќе од сто години. За овој уникатен случај, струмичани треба да се гордеат со своето дело и цивилизиран однос, а бугарската држава треба да ја нагласи својата благодарност.

Ние македонците немаме традиција на рушење на споменични верски обележја. Ако и имало такви, тие се резултат на внатрешно-македонски политички пресметки. Треба да се нагласи дека ниту кралската Југославија, ниту пак титовата СФРЈ рушеле паметници на паднатите воини низ војните на југословенските територии. Така беше и со црковните егзархиско обележја, се до шеесетите години од минатиот век, поточно до формирањето на МПЦ. Со невидена жестина беа отклонети сите егзархиски црковни натписи, уништени или прекриени со слоеви на боја и малтер. За ова нешто, ниту еднаш не реагираше БПЦ…тие, заедно со МПЦ останаа верни на болшевичкиот терор, низ кој и тие страдаа, за потоа да се издигнат, низ сопственото удбашко-информаторско покајание. Затоа и афтокефалноста на МПЦ е призната само од двете националистички и болшевички цркви-Српската и Руската. Томосот за афтокефалија од Васеленската партијаршија сѐуште го нема, а за причините подоцна ќе разбереме.

Струмица треба да биде пример за почит и наук. Треба да се дејствува. Подоцна може да биде предоцна. Нишките на единството треба да се негуваат и да се внимава на нивната целостност. Не секогаш низ нашата општа верска, но и воена историја имало Фондација “Б’лгарска памет“ и некој како д-р Врабески, расположен да стави дел од своите средства, но и дел од себе сѝ, за да се одржи непрекинато врелото на животот и континуитетот.

Фотографии од градските гробишта во Струмица, испочитувани од бугарската држава, војска и фондацијата „Българска памет“



Слични Објави