Бугарските ски-центри Банско и Боровец меѓу најдостапните во Европа
Бугарија зазеде две позиции во првите три места на ранг-листата за најдостапни ски дестинации во Европа, според новиот индекс на „ИзиЏет“, пренесе БГНЕС.
Истражувањето ги споредува просечните цени на ски-карти, изнајмување опрема, хотели, транспорт и пијалаци, со цел да ги утврди десетте најповолни ски-центри на континентот.
Првото место го зазеде Банско, кој е прогласен за најбуџетска ски дестинација во Европа. Курортот, сместен во подножјето на Пирин, нуди пиво за околу една фунта, ски-карта под 50 фунти дневно, изнајмување опрема за околу 15 фунти и ноќевање за приближно 45 фунти.
Третото место исто така ѝ припаѓа на Бугарија – Боровец, најстариот ски-центар во земјата, со 58 километри уредени патеки во три зони на планината Рила. Курортот е особено популарен меѓу скиори со средно ниво.
На второто место се најде Биалка Татшанска во Полска, позната по мирната атмосфера и добриот однос меѓу цена и квалитет, погодна за почетници, семејства и групи.
Менаџерот на „ИзиЏет“ за Обединетото Кралство, Кевин Дојл, изјави: „Додека луѓето почнуваат да ги планираат своите одмори на ски-патеките, се надеваме дека нашиот нов индекс ќе го насочи вниманието кон курорти каде изнајмувањето опрема, хотелите и гостопримството се нудат по исклучително поволни цени.“
Меѓу останатите дестинации се вклучени Бардонекија во Италија, андорскиот Пал-Аринсал, како и Саузе д’Улкс во зоната Виа Латеа. На листата се најдоа и француските Ле Дез Алп и Морзен, кои нудат автентично алпско искуство со дневни трошоци од околу 80 фунти.
