Бугарските служби го спасија екипажот на „CONTSHIP JET“ по напад со поморски дронови
Успешно заврши операцијата за спасување на 18-члениот екипаж на контејнерскиот брод „CONTSHIP JET“. Акцијата беше спроведена со навремени и координирани дејства меѓу бугарското Министерство за транспорт и врски (Главната дирекција за итни интервенции и спасување при Извршната агенција „Поморска администрација“), Министерството за одбрана (Воената морнарица и Военото воздухопловство) и Министерството за внатрешни работи (Главната дирекција „Гранична полиција“).
Министерот за транспорт и врски на Бугарија, Георги Пеев, им изрази посебна благодарност на екипите што учествуваа во спасувачката операција за нивната професионалност и брза реакција во заштитата на човечките животи.
Известувањето дека контејнерскиот брод „CONTSHIP JET“, кој плови под либериско знаме, бил погоден од поморски дронови на околу 17 наутички милји источно од ’ртот Калиакра, е примено денеска во 12:01 часот од Поморскиот центар за координација на спасувањето во Констанца. Бродот пловел од пристаништето Хаифа во Израел кон Констанца во Романија и, според податоците од екипажот, превезувал 421 контејнер.
Во 12:13 часот екипажот го напуштил бродот. Веднаш била прогласена операција за пребарување и спасување. Кон подрачјето на инцидентот биле упатени три пловни објекти на Воената морнарица и еден брод на Главната дирекција „Гранична полиција“.
Во 12:53 часот, осуммина од морнарите биле качени на патролен чамец на Воената морнарица, а останатите десетмина се наоѓале во спасувачкиот чамец на бродот. Екипажот е спасен и со брод на Воената морнарица е упатен кон Варна. Организиран е пречек од Граничната полиција и медицински екипи.
