| |

Бугарско шоу освои прво место на светски натпревар за уметност во Кина

Бугарско шоу за видео мапирање го освои првото место на пилот-изданието на меѓународниот натпревар за светлинска уметност во Чонгкинг, Кина. Творбата е наречена „Metamorph“ и беше проектирана врз фасадата на една од главните атракции во градот – улицата за уметнички графити Huangjueping.

Шоуто беше меѓу четириесетте финалисти на натпреварот, избрани од целиот свет за да бидат прикажани пред публика во живо. Жирито се состоеше од над 30 уметници, а останатите добитници се од Кина (сребрена награда) и Германија и Шпанија (бронзена награда). Натпреварот се одржа во 30 милионскиот Чонгкинг, кој се смета за град со најголема популација во светот.

Шоуто во времетраење од 3 и пол минути се состои од вкупно 11 сцени. Во нив, приказната ги носи гледачите на дистописко патешествие надвор од хоризонтот, каде човечкиот разум е потчинет на машинскиот алгоритам. Провокативното доживување е комбинирано со влијателна музика и глас зад кадар – една од карактеристиките на творбите создадени од уметниците од бугарското студио. 

Спектаклот е инспириран од новелата на Франц Кафка „Метаморфоза“, а главната улога ја толкува Орлин Павлов. Со својата волшебна глума, тој се потопува во својата нова дигитална свест. Уметниците користат некои од најновите технологии во дигиталната уметност за да го претворат Орлин Павлов во дигитален клон.

„Едно утро дигиталниот човек од иднината ќе се разбуди и повеќе нема да биде човек. „Metamorph“ е варијација на овој љубопитен и неодреден свет, во кој границите меѓу поединецот и технологијата се силно заматени“, изјави Страхил Јорданов, креативен директор на MP-STUDIO и креатор на проектот, за креативниот концепт на шоуто. „Metamorph“ првпат беше проектиран со 3D мапирање од 360 степени за време на Bright Festival во Лајпциг. Шоуто воодушеви повеќе од 3200 гледачи во едно од првите места за извонредна дигитална уметност во Германија – поранешната електрична централа Kunstkraftwerk. За учеството на меѓународниот натпревар за светлинска уметност во Чонгкинг, творбата беше специјално редизајнирана за фасадата избрана од организаторите. На тој начин, „Metamorph“ помина повеќе од 12 500 километри за да стигне до златната награда на натпреварот. 



Слични Објави