Бугарското МНР ја повика украинската амбасадорка по инцидентот со дрон кај Кардам
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова ја повика амбасадорката на Украина во Бугарија, Олесја Илашчук, на средба во Министерството за надворешни работи поради навлегувањето на дрон во бугарскиот воздушен простор, соопшти Министерството за БТА.
Средбата ќе се одржи во понеделник, бидејќи украинската амбасадорка во моментов е надвор од Бугарија, прецизираа од Министерството.
Претходно денеска, бугарскиот премиер Румен Радев на брифинг во седиштето на бугарската Влада соопшти дека дрон навлегол во воздушниот простор на земјата и експлодирал на околу 100 метри во внатрешноста на бугарската територија, од правец на Романија.
Инцидентот се случил во 8:10 часот, на околу 200 метри од поранешниот граничен премин меѓу Бугарија и Романија кај Кардам и на околу еден километар од бугарската компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод.
Од Министерството за одбрана соопштија дека, според првичната анализа на остатоците, најверојатно станува збор за дрон-мамка „Маја“.
„Овој тип дронови широко се користи од украинските вооружени сили“, наведоа од Министерството за одбрана, додавајќи дека во овој момент „нема причина да се смета дека инцидентот е намерен“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека продолжуваат истражните и процесните дејствија во реонот каде што паднал дронот.
На местото работи и тим за спротивставување на бомбашки тероризам од Дирекцијата за специјализирани операции и борба против тероризмот при Главната дирекција „Жандармерија, специјални операции и борба против тероризмот“.

