Киев: Украинските сили не испратиле намерно никакви средства кон Бугарија
Украинските одбранбени сили не испратиле намерно никакви средства кон Бугарија, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихиј, во врска со дронот што падна во близина на Кардам и за кој, според првичните информации на бугарските власти, се претпоставува дека е украински, јавува БНР.
„Украинското Министерство за надворешни работи е во тесен контакт со бугарската страна за разјаснување на околностите“, изјави Тихиј пред новинарите.
Според него, во тек е утврдување на сите околности околу инцидентот, вклучително и техничките детали.
Тихиј рече дека „причината за сите инциденти од овој вид е војната на Русија против Украина“, која, според неговите зборови, е намерно продолжувана од Москва и претставува закана не само за Украинците, туку и за други народи и држави.
Портпаролот на украинското МНР ѝ се заблагодари на Бугарија за „разбирањето и соработката во име на целосната вистина, безбедноста и мирот“.

