| |

Бугарското МНР ќе побара објаснување од Србија за забраната за влез на Џонев и Јанев

Бугарското Министерство за надворешни работи ќе го постави пред српската страна прашањето за одбивањето на властите во Белград да им дозволат влез во Србија на доц. Ангел Џонев и д-р Валентин Јанев од Научниот институт „Западни покраини“, беше соопштено на седница на парламентарната Комисија за политиките кон Бугарите надвор од земјата, пренесе БГНЕС.

На двајцата им бил одбиен влез со образложение дека претставуваат закана за националната безбедност на Србија, без во документите да бидат наведени конкретни фактички причини.

Џонев изјави дека на 10 октомври патувал по официјална покана на одбележувањето на годишнината на Културно-информативниот центар во Босилеград, но по околу еден час чекање на границата добил документ со кој му бил одбиен влезот.

„Бараме категорична реакција од бугарските институции, официјално објаснување од српската страна и информирање на европските институции“, изјави Џонев.

Јанев, кој според неговите зборови трипати бил запрен на границата, рече дека во ниту еден од случаите не добил конкретно образложение. Тој ги поврза ограничувањата и со својата активност околу еколошките проблеми во Западните покраини, вклучително и загадувањето на реките што продолжуваат кон бугарска територија.

Директорот на Дирекцијата „Југоисточна Европа“ во бугарското МНР, Момчил Рајчевски, изјави дека Министерството и бугарската Амбасада во Белград се запознаени со случаите и подготвуваат натамошни чекори во политичкиот дијалог со Србија.

„Не го разгледуваме ова како изолиран случај“, нагласи Рајчевски.

Тој соопшти дека е планирана средба со двајцата претставници на институтот во бугарското МНР, а темата ќе биде вклучена и во претстојните политички консултации со српското Министерство за надворешни работи.

Слични Објави