| |

Бугарска општинска советничка во Англија иницира поблиска соработка меѓу Карлово и Кембриџ

Општинската советничка од Питерборо, д-р Ивелина Банјалиева, започнува со работа на проектот „Од Карлово до Кембриџ“. Ова беше објавено при посетата на градоначалникот на Карлово, д-р Емил Кабаиванов, и претседателот на Општинскиот совет на градот, Доњо Тодоров, на Велика Британија, јавува bgben.co.uk, пренесува БНР.

Официјалната посета беше на покана на Ивелина Банјалиева, која е родена и израснала во Карлово. Во текот на неколку дена, бугарската делегација го посети британскиот парламент, присуствуваше на конгресот на Конзервативната партија и одржа средби со претставници на локалната власт во Питерборо. Меѓу најважните цели на посетата е воспоставувањето поблиско партнерство меѓу Карлово и Кембриџ. На проектот веќе работи општинската советничка Ивелина Банјалиева.

Таа нагласи дека иницијативата е поврзана со идна соработка во повеќе области – образование, култура, туризам, локална самоуправа, бизнис и размена на добри практики.

Особено важен дел од програмата беше настан на кој Ивелина Банјалиева зборуваше за улогата на бугарската заедница во Велика Британија, значењето на активното граѓанско учество и потребата од градење посилни мостови меѓу Бугарија и Обединетото Кралство. Во својот говор таа раскажа за својот животен пат од Карлово до Велика Британија, за годините поминати во бизнисот и добротворниот сектор, како и за одлуката активно да се вклучи во британската локална политика како општинска советничка во Питерборо.

Според неа, Бугарите во Велика Британија можат не само успешно да се вклучат во британското општество, туку и да ги искористат своето искуство, позиции и контакти за создавање нови врски и можности меѓу Бугарија и Велика Британија.

„За мене Карлово секогаш ќе биде посебно. Како општинска советничка во Велика Британија, имам можност да се среќавам со луѓе, да отворам врати и да создавам контакти. Ако можам да го искористам тоа за да му помогнам на мојот роден град и да создадеме долгорочни можности, за мене тоа е вистинска привилегија. Оваа посета е само почеток“, додава Бањалиева за бугарскиот весник во Велика Британија „БГ БЕН“.

Слични Објави