БУЛИНГОТ ПРИКАЖАН ВО СЛИКОВНИЦАТА „ДЕНЕС ТИ НЕМА ДА ИГРАШ“ ВО СУШТИНА Е АПЕЛ ЗА ПОМОШ

Сликовницата „Денес ти нема да играш“ од шпанската авторка Пилар Серано и илустраторот Канизалес, во која фокусот е на булингот, беше промовирана вчера, онлајн на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Со цел да се даде поголемо значење на овој проблем кој во светски рамки, како и во Македонија, станува сè поголем и на кој се става сè поголем акцент, разговорот го водеше уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова со психологот Христина Стефановска. Ова дело е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапно во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на www.literatura.mk

loading...

 
„Денеска ти нема да играш“ е приказна за Ана и за нејзините другарчиња од одделението кои се жртви на булинг. Порано, одењето во училиште им било забавно, но полека прераснало во кошмар, откако Ема станала дел во класот. Таа е злобна и им заповедува на сите, но особено Ана е главната мета на сите нејзини напади. Ана почнува да се чувствува лошо, има намален апетит и станува сè потивка.
 
– Мора да знаеме и повеќе да зборуваме за тоа дека насилник не се раѓа туку се создава. Насилното однесување поттикнува и друго насилно однесување. Насилството е прикриен апел за помош и многу често е инициран од семејно насилство или тоа дете е мета на насилство од братче, сестриче или од маалски настани. Причините се во семејството, но и важно е колку детето има компетенција да се справи со социјалната средина – посочи психологот Стефановска.
 
Таа истакнува дека насилството се третира во различни врснички групи и секаде ќе се најде некоја причина. Тоа е маѓепсан круг и дете што е жртва на семејно насилство најчесто го пренесува и на другите.
 
– Со насилникот треба да се работи. Во нашето општество се прават две грешки, односно се третира проблемот, а не причината и се зборува со жртвата, а не и со насилникот. Со тоа што ќе го казниме насилникот не го решаваме проблемот – посочува Стефановска.
 
Комплетната промоција каде психологот Стефановска дава и детално инфо за насилството на општествено ниво, како и слабите точки во пристапот кон овој проблем може да се погледне на следниот линк.


loading...