Цар Борис Трети, МПЦ-ОА и руското духовно ропство

//

Пишува: Владимир Перев

Светот е во војна и како што обично се случува, таа почнува и завршува на европските пространства. Денес Русија, на европска територија, војува против целиот свет, а подршка има единствено од Беларус, Сирија, Северна Кореја и Еритреја. Тоа се имиња на територии, кои и покрај, официјалниот назив-држави, тешко би можеле да се наречат така. Другите, или ја осудуваат руската агресија и ја нарекуваат со вистинското име, како на пример Северна Македонија и целиот демократски свет, или се прават дека тоа е проблем за кој ќе размислуваат дополнително…или никогаш!

Во војната против “целиот свет“ руската солдатеска ја ужива подршката на најголемата духовна сила на руската империја. Тоа е руската православна црква, а нејзиниот патријарх Кирил, кој со молитви, но и со политички пораки, ја подржува агресијата врз Украина, без никакви задршки или морални скрупули. Тоа не е ни чудно, со оглед на фактот дека Кирил, со световно презиме Гундјаев, е професионален агент на ГРУ-Главное разузнавателное управление на Русија! Така, нештата добиваат друга, дистопична димензија. Агентот на Разузнавачката служба на Русија е и руски Патријарх воедно. Тоа нешто веројатно Сталин секогаш си го посакувал, ама Путин го има!

Деновиве македонската духовна, но и политичка јавност со воодушевување ја прими веста дека Руската православна црква ја признала МПЦ-ОА како автокефална. Тоа е вториот чин на признавање, по признавањето од страна на СПЦ и Патријархот Порфирије. Сега се чека само томосот од Васеленската патријаршија, но Фанар доцни со конечното решение. Ќе го има, ама ќе биде болно по однос на името. Корекциите се јасни и МПЦ-ОА е должна да ги прифати, согласноста веќе е дадена. Следува име без Македонија и без придавка.

Немаме само ние проблем со руската “духовна агресија“. Тука е и Бугарија која со неверување гледа како Путиновата Русија, преку својата амбасадорка во Софија, Митрофанова (исто агент на ГРУ) се труди да го осветли и да му даде политичко и државничко достоинство на бугарскиот Цар Борис Трети.

Сите знаат дека станува дума за обично руско лицемерие, како и во случајот со нашата МПЦ-ОА. СПЦ отсекогаш била дебело зависна од Москва и од РПЦ, ама ѝ требаа педесет години да ни ја признае автокефалноста. Тоа стана во време на војна, на руска агресија кон Европа, сето тоа со цел за подигање на рејтингот на руската окупациона идеологија низ нашите земји. Зарем бугарите заборавија дека од 1944 година (а и пред тоа) во Русија/СССР и низ целиот социјалистички свет, Кобурзите, царевите Фердинанд Први и Борис Трети беа претставувани како монархофашисти и виновници за сите бугарски национални катастрофи. Руската панславистичка и сѐправославна идеологија и низ нашите, македонски/југословенски пространства ја смени нарацијата, па сега Тито не е повеќе “ревизионист и империјалистички агент“, туку државник кој ја развивал демократијата. И двете нешта се точни, само зависи од конотацијата на реченото и времето и просторот каде се речени. Русија нѝ го заборави Голи оток, а нам и на Тито ни ги прости сите империјалистички и ревизионистички гревови. Сега Путин е империјалистот, па подобро е тие думи да бидат избришани од руската реторика, барем кога се работи за Македонија и Бугарија. Треба да се види зошто е тоа така.

Ние со Русија немаме општа историја, па макар што и да се подразбира под тоа, ама Бугарија има. И таа општа историја не е само добра, има и други, тешки собитија и меѓусебни борби. Во разгорот на Првата светска војна, на 14 октомври 1915 година, руската армија ја напаѓа Бугарија. Два руски авиони фрлаат бомби во населените делови на Варна, а руската морнарица, составена од фрегати, бојни бродови и други пловила, го напаѓа градот. Најубавиот црноморски град е нападнат од бродовите “Царица Марија“, “Св. Јован Златоуст“, “Св. Пантелејмон“, “Евстафиј“, “Кагул“ и “Памет Меркуриј“. Командант на флотата е рускиот вицеадмирал Новицки, а топовите од бродовите се насочени кон густо населените квартали на градот. Настанува паника, има мртви и повредени, како и значителен број разрушени куќи. Градот се брани, а главната задача во одбраната ја има крајбрежната артилерија и помошта од двете германски подморници. Русите се принудени да се повлечат. Со Бугарија тогаш владее Фердинанд Први, таткото на цар Борис Трети.

По 9 септември 1944 година Бугарија е окупирана од СССР и се воведува диктатура, такнаречениот воен комунизам, или просто речено, време на “црвениот терор“. Сето тоа е видено и на југословенските пространства, но силата, жестокоста и безобзирноста со кои тоа е правено во Бугарија, го оставија без здив целиот свет. Меѓу другото, бугарските/советските комунисти го разрушија гробот на цар Борис Трети и неговите останки се фрлени некаде, за никој до сега де не знае каде. Тоа е оној истиот Борис, кој му одбил на Хитлер да испрати војски за војна против СССР! Смртта во 1943 година му е загадочна, а последните истражувања говорат дека е отруен со чај во советската амбасада во Софија. Денес неговиот син, поранешниот премиер Симеон Сакскобурготски, отворено вели дека санкциите против Русија треба да отпаднат и Бугарија да не се дели од својот “поголем брат“. Ништо чудно и необично, дури и меѓу “сината крв“ имало предавници, послушници и ништожни персони…веројатно кај нив повеќе! Жално е што некои од нашите предци се бореле под знамињата на Кобурзите, оддолжувајќи го својот долг кон сопственото поимање за слобода и национални права.



Што ќе се случи утре, тоа е главното прашање. Одговорот треба да се бара во двајцата маестрални автори на дистопична литература, Евгенија Замјатин со романот “Ние“ (1929 г.) и познатиот Орвел со “1984“ издаден 1949 година. Од нив, најмногу од Замјатин, почнува целата наша фантастична паралелна реалност, сликата на нашето небитие.

Ако Русија ја наречеме Првата земја, Бугарија Втората земја, а Македонија Третата земја, синопсисот би излгледал отприлика вака:

Војната на Првата семја против Европа и светот продолжува со променлива среќа на бојното поле. Човечките и енергетски ресурси на светот се топат, комуникациите се отежнати, додека пак Првата земја има неограничени човечки и енергетски ресурси. Анализите на разузнавачките служви на Првата земја кажуваат дека симпатиите на народот, црквата и дел од политичкиот естаблишман на Втората земја, се благонаклони кон Првата земја. Затоа, Првата земја, без објава на војна ја напаѓа Втората земја и врши инвазија на потегот Варна-Бургас. Населението, црквата и војската на Втората земја со воодушевување ги пречекуваат војските на Првата земја и заедно тргнуваат на Запад, да го освојат главниот град на Втората земја. Борбите траат нецели пет дена. Потоа заедно, војските на Првата и Втората земја, обединети тргаат во освојување на Третата земја. Борби со војските на Третата земја нема, па армиите на Првата и Втората држава за неколку часа ја освојуваат Третата држава. Народот ги пречекува со воодушевување, како едноверни браќа, се воспоставува власт, а Првата земја си заминува на бојните полиња низ Европа. Освоената Трета земја, се предава на владеење на Втората земја, како награда за сојузништвото. Евидентна е поткрепата на црквата на Третата земја, која со молитви но и со политички проповеди (како Гундјаев) го смирува евентуалниот мал отпор на населението на Третата држава. Лесно е за рабирање, ова се “препишани“ Замјатин и Орвел.

Сепак, Замјатин ова би го напишал многу по поетично, а Орвел многу по сурово, ама убавината е во разликите. Едно е сигурно, нуклеарна војна нема да има, а можностите Русија да навлезе овде преку источниот сосед се реални. Таа веќе навлегува, само треба добро да се чита и слуша. Една империја како руската, офанзивна и злосторничка, не туку – така дава автокефалност, не туку така “рециклира“ еден монарх. Треба да сме внимателни. Така ние, покрај автокефалноста, добиваме бугарска управа, а идниот гаулајтер ќе ни биде, најверојатно, Симеон Сакскобурготски. Има семејни традиции со администрирање, а и соодветен предавнички потенцијал за служење на рускиот империјализам.

Деновиве некаде прочитав дека бугарскиот сатиричар Димитар Подврзачов, уште пред стотина години ја изрекол мислата дека “бугаринот уште не си го доробувал робството“.

Се надевам дека ние не сме бугари, па нема да “доробуваме“. Ама малку повеќе јасни демократски пројави, малку по малку русофилство и по малку верски православен фундаментализам, не би биле на одмет. Иначе, може да се случи и Првата земја, а и Европа да погрешат, па да се согласат да не дадат под принудна управа на Втората земја! Пак ли ќе се расправаме со Кобурзите, со фашистите и комунистите, кај нив па и кај нас, сите истите!

Дистопична реалност? Ќе видиме.

Претходна статија

Фондација „Бугарска памет“ со истражување во Конгресната библиотека на САД: Пред и по Првата светска војна Бугарите го сочинувале мнозинството од населението на Македонија

Следна статија

Фрањо Туѓман и македонските Бугари

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот