ЦЕНТРАЛНИОТ ОДБОР НА СДСМ МУ ДАДЕ ПОДДРШКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЗАЕВ ДА ГИ ПРОДОЛЖИ РАЗГОВОРИТЕ И ДА НОСИ ОДЛУКИ ЗА СПОРОТ СО ИМЕТО

Централниот одбор на СДСМ вчеравечер ја одржа шестата седница. На седницата се разговараше за актуелната политичка состојба во земјава, за разговорите околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, спроведувањето на реформите и мерките од програмата коишто обезбедуваат подобар живот за граѓаните, а стана збор и за внатрепартиските активности како и за одредени кадровски прашања, се вели во соопштението на политичката партија СДСМ.

Во своето обраќање пред членовите на ЦО, претседателот Заев истакна дека Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање на достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

„Преговорите со Владата на Република Грција продолжуваат. Никогаш досега не сме биле толку блиску до решение, но и никогаш претходно немало толку големо пријателство меѓу Македонија и Грција од ова денес. Очекувам тоа да придонесе да дојдеме до решение кое не само што нема да го загрози, туку дополнително ќе го зајакне нашиот идентитет. Постои можност за решение кое граѓаните треба да го потврдат на референдум. Граѓаните очекуваат лидерство и затоа сме подготвени да водиме, да ги охрабриме граѓаните да дадат поддршка. Затоа вечерва ја очекувам и поддршката од Централниот одбор“ рече претседателот Заев.

Зборувајќи за придобивките од постигнувањето на решение на овој децениски спор којшто ја влечеше Македонија надолу, претседателот Заев додаде дека вистински патриотизам е да се обезбеди иднината на земјата, на граѓаните.

„Со решението добиваме покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ. Со тоа ќе се осигура нашата, но и индината на идните генерации. Тоа значи сигурност но и повеќе инвестиции, стабилност но и забрзан развој, економски силна Македонија.“ посочи Заев.

Имајќи ја предвид значајноста на ова прашање, водејќи се од држаните и националните интереси, се отвори поширока дебата во која се вклучија повеќе членови на Централниот одбор на СДСМ.

Членовите на Центраниот одбор му дадоа целосна поддршка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, потенцирајќи ја важноста од продолжување на разговорите со Република Грција.

Црпејќи го легитимитетот од довербата што ни ја дадоа граѓаните, Централниот одбор едногласно донесе Заклучок со кој му пренесе целосно право на престседателот на СДСМ, Зоран Заев, да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име, со цел да се обезбеди подобра иднина на Република Македонија и сите нејзини граѓани.

Од другите точки на дневниот ред, Централниот одбор ја разгледа динамиката на спроведувањето на реформите и мерките од програмата што обезбедуваат квалитетен живот и повеќе пари кај граѓаните.

Претседателот Заев информираше за резултатите од стратегијата за раст на економијата, за новите грин филд инвестиции, кои отвораат можности за нови работни места, го стимулираат растот на економијата и растот на БДП.

Раководството на СДСМ ќе продолжи со средбите со граѓаните и поддржувачите низ целата држава. СДСМ како одговорна партија постојано го слуша гласот на граѓаните и ги следи нивните потреби.

Членовите на Централниот одбор дадоа поддршка на предлозите за кандидати за министри и заменици министри во Владата од редовите на СДСМ и тоа: Рената Дескоска за министер за правда, Петар Атанасов за заменик министер за образование и Андреј Жерновски за заменик министер за надворешни работи, се вели во соопштението на политичката партија СДСМ.