ИЗЛОЖБА И НАГРАДИ НА 50-ТАТА СВЕТСКА ГАЛЕРИЈА НА КАРИКАТУРИ СКОПЈЕ 2018

Во Музејот на град Скопје, вечерва во 20:20 часот, Галеријата „Остен“ ќе ги објави имињата на наградените автори на 50-тата Светска галерија на карикатури Скопје 2018. По повод јубилејот, на изложбата ќе се презентира по една карикатура од сите карикатуристи кои се пријавија на конкурсот: 208 карикатуристи од 50 земји во светот, од кои 140 првоселектирани ќе бидат застапени со репродукција во каталогот …

Од „Остен“ нагласуваат дека конкуренцијата била голема, а Ердоган Басол од Турција во Скопје доаѓа во двојна улога, како селектор и член на жири.

Според стручното мислење на Ердоган, 140 карикатури кои ќе бидат претставени во каталогот со репродукција, се одбрани за понатамошна селекција и ова било појдовната точка за жирирање од страна на членовите на меѓународното жири на 50-тата Светска галерија на карикатури Скопје 2018.

Членови на меѓународната жири комисија се и Ен Телнес, САД, редакциски карикатурист во Вашингтон пост, Владимир Казаневски од Украина, карикатурист и предавач по теорија на карикатура, Мостафа Рамезани од Иран / Франција, карикатурист и графички дизајнер, како и Мице Јанкуловски од Македонија, уметник, карикатурист и претставник на „Остен“.

Изложбата на карикатури во Музејот на град Скопје ќе биде поставена до 10 јуни.