| |

ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД РАМАЗАН БАЈРАМ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА МАКЕДОНИЈА, ТАЛАТ ЏАФЕРИ

Почитувани граѓани, припадници на исламската вероисповед,
Дозволете ми, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име, да Ви го честитам големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

По завршувањето на триесетдневниот рамазански пост, месец посветен на милоста, љубовта и простувањето, го дочекавме и големиот празник Рамазан Бајрам. Празниците се посебни денови кои носат во себе посебна убавина, ја охрабруваат меѓусебната почит, ја зголемуваат радоста и убавината на животот, споделувањето со семејството, со ближните и со сите околу нас. Како човечки битија, благословени сме со сите човечки вредности и особини кои ни овозможуваат да го споделиме со сите она што можеме и знаеме и затоа ви посакувам во овие празнични денови да споделите колку можете со сите кои ве опкружуваат. Тоа ќе не исполни со убава и позитивна енергија, ќе не направи подобри луѓе, за нас самите, за нашите блиски и за нашата држава. Ви посакувам низ животот да ве води добрата мисла и взаемна почит а домовите да ви бидат исполнети со радост и смеа, благосостојба, напредок и успех на секое животно поле.

Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да Ви го честитам Рамазан Бајрам, да ви посакам убави празнични денови исполнети со спокој и радост за Вас и Вашите најблиски.
Нека е честит празникот!

Слични Објави