МБП: СИТЕ НА КОИ ИМ Е ОДЗЕМЕНО БУГАРСКОТО ДРЖАВЈАНСТВО ДА СЕ ОБРАТАТ КОН КОНЗУЛАРНИТЕ ПРЕТСТАВНИШТВА НА Р.БУГАРИЈА
Здружението за Македонско-бугарско пријателство- Скопје испрати соопштение до јавноста со цел разјаснување на одредени прашања поврзани со измените во законот за бугарско државјанство кои ќе важат за сите што поседуваат бугарски државјанства. Воедно со тоа МБП го честита и државниот празник на Р. Бугарија, 3-ти Март, на сите Бугари надвор и во Бугарија. Од МБП советуваат сите македонски граѓани што добиле известувања за одземање на бугарските државјанства заради лажни податоци а се наоѓаат надвор од РС Македонија, да се обратат до дипломатско конзуларните претставништва на Р. Бугарија.
„Почитувани, ја користиме оваа прилика да им го честитаме националниот празник 3ти март Ослободувањето на Бугарија, на сите во и надвор од Бугарија и да им посакаме добро здравје и понатамошен просперитет. Понатаму, поттикнати од зголемениот интерес во овие неколку дена, чувствуваме обврска да се обратиме на овој начин, со цел колку што можеме, да одговориме на прашањата за кои се интересирате.
Прво, согласно Законот за Бугарско Државјанство од 1999 год. на лицето може да му се одземе истото, доколку се докаже дека во текот на постапката дало лажни податоци. На македонските граѓани кои деновиве се известени за такво нешто, а кои се наоѓаат надвор од Република Македонија, им препорачуваме да се обратат до Дипломатско конзуларните претставништва на Република Бугарија.
Здружението „Македонско-Бугарско“ пријателство, на ниеден начин не може (дури и да сака) да влијае на таквите правни постапки.
Второ, согласно измените во погоре наведениот закон, потенцијалните апликанти од Република Македонија, во иднина ќе можат полесно да се стекнат со државјанство на Република Бугарија.
Се надеваме дека овие информации ќе им бидат од корист на оние кои последниве денови ги „вжештија“ телефонските лини на нашето здружение.
Понатаму, ја користиме оваа можност да истакнеме дека ги разбираме и ја споделуваме загриженоста на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола за атмосферата на несигурност на лицата кои себе си се идентификуваат како „Бугари или македонски Бугари“ .
Впрочем, самата идеја за формирање на МБП е афирмацијата на фолклорот, културата,традициите и зближувањето на сите кои имаат потекло од Македонија. Ние ги перцепираме како сонародници и инспиратори и Ted Kotcheff – Величко Тодор Костадин и Милчо Манчевски (нека ни простат што ги користиме како пример). Творештвото на Димитар Талев и Пеју Јаворов го гледаме како не така дамнешен крик за слобода и правда.
И сосема за крај, без да навлегуваме во „политички импликации“ во и онака исполитизираниот попис во Република Македонија, ги охрабруваме пред се, нашите членови, да се изјаснат онака како што се чувствуваат и притоа воопшто да не „лицитираат“ или да се грижат за бројките. Бројките се важни, луѓето уште повеќе“, стои во соопштението на МБП-Скопје